Левица – Кавадарци: Бизнис релациите ставени над здравјето на народот во тиквешкиот регион
Огранокот на Левица – Кавадарци, како еден од градовите со најголема загаденост на воздухот во државата, реагираше за аферата за увоз на токсичното, канцерогено масло во Македонија, во која што се замешани „Хифа Оил“ од Босна и Херцеговина, тогашниот вицепремиер за Економски прашања во новата Влада на СДСМ, Кочо Анѓушев и „Евротим ГДС“.
„Во репортажата на ИРЛ беа откриени докази за потрошувачка на 2.500 тони прегорено масло како гориво во фабриката „Фени Индустри” во Кавадарци, од 2018 година наваму!
Во организацијата на оваа афера за увоз на забрането минерално масло во ЕУ од Чешка учествувале компанијата „Хифа Оил“ од БиХ, тогашниот вицепремиер за Економски прашања во новата Влада на СДСМ Кочо Анѓушев и извесна мала компанија „Евротим ГДС“ од Кичево, која ги добивала тендерите во Фени Индустри (подоцна Еуроникел Индустрис).
Кавадарци е еден од градовите со најголема загаденост на воздухот во државата. На мерните станици во градот се мери концентрација на ПМ честички, но не и на сулфур и тешки метали. Содржината на воздухот во Кавадарци има мутагени својства и од таму, без резерва, може да кажеме дека истиот е канцероген. Така, загаденоста на воздухот е причината за големата инфертилност (неплодност) кај младите брачни парови, зголемениот број на спонтани абортуси, огромен проблем со белодробни заболувања (ХОББ и рак на белите дробови) како и енормна честота на малигни заболувања во Тиквешијата.
Маслото било увезувано во државата како мазут, но сите анализи укажуваат на фактот дека таа суровина отстапува од физичките и хемиските особини на мазутот. Во Кавадарци е забележан и густ црн и исклучиво непријатен чад кој за време на грејната сезона излегува од оџакот на ООУ „Тоде Хаџи-Тефов“. Дали ова училиште било меѓу државните институции кои го користеле резидуалното ефтино канцерогено масло на Кочо Анѓушев? И неговата фабрика Брако во Велес била меѓу корисниците на отровното масло.
Во текот на вчерашниот ден актуелниот градоначалник, Митко Јанчев, стопанственик од Кавадарци даде интервју за двете телевизии во градот каде спомна дека не знаел за користењето на токсично гориво во индустрискиот гигант близу градот. Се бранеше со тоа што Еуроникел Индустрис не е под негова надлежност, туку дека контролата на истиот е директно под надлежност на Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање.
И покрај тоа што градоначалникот наводно не знаел за тоа од каде има толкава загаденост на воздухот во градот, Левица јавно бара одговорност што таткото на градот дозволил жителите на Кавадарци да бидат труени со канцероген воздух! Митко Јанчев е човекот со најголем авторитет во Тиквешкиот регион, стопанственик и главен координатор на индустриските активности во Кавадарци и околните општини. Секако дека можел да стави крај на овој токсичен синџир многу порано и да прекине загадувањето и трајните последици по здравјето на граѓаните и природните ресурси околу фабриката – но, не сакал да ги наруши своите бизнис-релации.
Менаџментот на фабриката за производство на никел „Еуроникел Индустрис“, излезе со известување, каде ги демантираат сите обвинувања дека користеле резидуално масло кое е забрането во ЕУ. Во демантот, од фабриката тврдат дека користеле репро-материјали за производство на никелот со најголем квалитет, затоа што извезуваат на светско ниво.
Ваквото паушално објаснување е очигледна манипулација, затоа што горивото не е почетен материјал за нивниот краен производ, туку го користеле само како гориво за технолошките процеси и на таков начин не го нарушиле интегритетот на самиот производ, ами оставиле трајни последици на животната средина! Тоа е недозволиво и Левица ЛО Кавадарци бара одговорност од секој кој бил дел од реализацијата на оваа афера!”