Левица Карпош: Како синот на Јакимовски стана сопственик на земјиште во Бардовци?
Од Локалниот Огранок на Левица – Карпош, реагираа дека според податоците на Агенцијата за катастар на недвижности, Гоце Јакимовски поседува три парцели во Бардовци. Според Левица, овие парцели се оформени согласно изгласаниот ДУП кога градоначалник на Општина Карпош беше токму Стевче Јакимовски.
„Според податоците на Агенцијата за катастар на недвижности, Гоце Јакимовски поседува три парцели во Бардовци. Станува збор за парцелите 449/19, 486/2 и 487/2 кои се наоѓаат во местото викано Рупа. И немаше ништо да има спорно, но овие парцели се оформени согласно изгласаниот ДУП кога градоначалник на Општина Карпош беше токму Стевче Јакимовски. Токму со овој Детален урбанистички план “по мерка” се формирани стотици атрактивни парцели на државно земјиште кое на неколку физички лица им е доделено со процесот на денационализација по основ на компензација.
Носењето на овој ДУП беше спротивен на интересите на жителите на Бардовци бидејќи со истиот, патот кој го користеле за пристап до своите ниви е трансформиран во приватен имот и тоа со една цел – создавање поатрактивни парцели и парцели со поголема искористена површина. Останува нејасно и зошто државата прифатила трампа на парцелите, ако се знае дека со самата постапка се прави штета на другите жители?
Оттука жителите на Бардовци, но и Општина Карпош заслужуваат одговор за тоа како Гоце Јакимовски станал сопственик на парцели формирани со спорниот ДУП донесен за време на владеењето на Стевчо Јакимовски.“