За Ескобар Северномакедонците се Европејци

„Северномакедонците се Европејци“, изјави Габриел Ескобар, заменик-помошникот државен секретар на САД, на денешниот онлајн-брифинг со новинарите посветен на ситуацијата во Западен Балкан.

Одговарајќи на новинарско прашање, шефот за Западен Балкан во Стејт департментот го употреби терминот „северномакедонци“.

„Северномакедонците се Европејци. Тие историски и културолошки се Европејци. Економски, Северна Македонија е со Европа и ќе биде важен придонесувач – од транспортот, информатичката технологија до енергетиката“, – рече Ескобар.

Иако го искористи понижувачкиот термин „северномакедонци” , Ескобар сепак изјави дека за САД прашањето за јазикот и културниот идентитет на Македонија не е прашање и ја повика земјата да продолжи со конструктивен дијалог со соседите.

На ова реагираше членот на Президиумот на Левица, Јована Мојсоска, која напиша дека во европски вредности се и шовинизмот, фашизмот, потчинувањето на помали нации и колонијализмот.

Европски вредности се и шовинизмот, фашизмот, потчинувањето на помали нации и колонијализмот.

За специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан – Ескобар, Северномакедонците се Европејци (во духот на колонијалистичка Европа). За разлика од европските Германија, Франција, Холандија, Британија и Белгија – Македонија ниту една друга држава не окупирала, колонизирала, негирала и експлоатирала. Зато јас ќе си застанам на страната на неевропските Македонци. – напиша Мојсоска.