Не може реформи да се спроведуваат со игнорантски однос кон просветните работници и кон родителите

Говор на Виолета Аврамоска пред општина Охрид на протестот против укинувањето на учебниците.


Овој протест не е како сите други, овој протест е единствен, бидејќи денес, овде, сите сме дојдени како родители. Денес нашите дечиња докажаа дека се наша светост. Тука сме за нив, за нивната иднина. За иднината на најчистите, за иднината на оние кои заслужуваат да си го живеат своето безгрижно детство во светот на играта, песната, во светот на бајките, сказните, приказните, во светот на поезијата, расказите и романите, да патуваат низ времето , држејќи ги в раце книгите и учебниците и од тој непресушен извор на мудроста жедно да пијат нови знаења и животна мудрост.

Денес нашите деца не’ обединија како никогаш до сега. Ја срушија секоја поделба меѓу нас. Овде нема партиска припадност, овде нема верска и национална припадност.Овде денес има само љубов, има родители кои водени од љубовта кон своите деца излегоа и го кренаа својот глас за децата кои заслужуваат да бидат еднакви меѓу еднаквите, кои заслужуваат да не бидат дискриминирани , заслужуваат подобра иднина и квалитетно и бесплатно образование. Секое дете има право на образование.

Денес, од градот на писменоста, од градот на Климент и Наум, сакаме да испратиме порака до министерката Мила Царовска дека нашите деца не се експериментални глувци и јасно да кажеме дека сакаме печатени учебници и настава за нашите деца! Ние родителите, не сме ни заостанати, ниту пак живееме во 19 век , како што некои не’ нарекоа. Свесни сме дека живееме во ера на дигитализација и свесни сме дека дигитализацијата неминовно мора да се воведе во образованиот процес. Но, не се согласуваме со целосна дигитализација во образованието. Реформи во образованието се потребни, но не вака вака избрзани и не на ваков начин. Не може реформи во образованието да се спроведуваат со игнорантски однос кон просветните работници и кон родителите.

Не знам и не можам да сфатам кои се тие педагози и психолози кои ја поддржуваат новата концепција на Мила Царовска. Не можам да сфатам какви се тие педагози и психолози кои поддржуваат укинување на печатените учебници. Ниеден психолог не би препорачал електронски учебници и продолжено седење и зјапање во компјутер на учениците. Сакаме здрави деца, деца кои ќе имаат слободни активности, деца без сколиоза, без оштетен вид, деца кои ќе имаат нормален психо- физички развој, кои ќе играат надвор на чист воздух, ќе спортуваат, ќе се дружат, а не деца кои по цел ден ќе седат затворени дома , изложени од опасност од разни заболувања.

Ние, родителите сме против предлог Законот за учебници, бидејќи тој закон ги дискриминира нашите деца. Знаеме дека во Македонија десетици илјади деца не се во можност да следат онлајн настава, поради немање компјутери, интернет, поради исклучена струја. И тоа се случува не само кај семејствата од социјално ранливите категории, туку скоро во секое семејство кое има еден, двајца или тројца ученици. И, додека наставниците, учениците и родителите, мака мачат како да ги совладаат наставните содржини, секако дека најмногу се користат печатените учебници.Затоа, нелогично е како тие деца ќе учат од електронски учебници. Министерката на децата од социјално загрозените категории им нуди некакви печатени учебници со скратена содржина, односно скрипти. Не е ли тоа ДИСКРИМИНАЦИЈА?

МИНИСТЕРКЕ , ПРЕСТАНЕТЕ ДА ГИ ДЕЛИТЕ ДЕЦАТА ПО КАТЕГОРИИ. НАШИТЕ ДЕЦА НЕ СЕ КАТЕГОРИЈА. СИТЕ ТИЕ СЕ САМО ДЕЦА. НАПРАВЕТЕ ГИ ЕДНАКВИ БАРЕМ ВО ОБРАЗОВНИОТ ПРОЦЕС! Затоа ние родителите порачуваме. Сакаме да се обезбедат услови за настава во училиштата и сакаме бесплатни печатени учебници за нашите деца.