СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ изгласаа Закон за легализација на дивоградби – Левица гласаше против
Македонското Собрание на денешната седница по скратена постапка, без дебата во јавноста, го усвои Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти. Законот кој беше поддржан и од власта, но и од опозицијата беше изгласан со 72 гласа ЗА и 5 гласа против, меѓу кои беа пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов. Петмина пратеници беа воздржани.
Со законот се дозволува легализирање на дивоградби во заштитени подрачја, како национални паркови, природни резервати, споменици на природата, подрачје на заштитено недвижно културно наследство, како и во прва и втора санитарно-заштитна зона на извори на вода за пиење, по добиена согласност од надлежниот орган.
Како „казна“, сопствениците на дивоизградените објекти за легализацијата ќе треба да платат за 50% поскапи комуналии од она што би го платиле ако имале дозвола за градба. Од плаќање на комуналии со овој закон се изземени корисници на парична помош од социјална заштита, државните органи и локалната самоуправа, како и верските организации.
Со стапување во сила на овој закон се запираат сите постапки за рушење на дивоградби и сите поврзани управни и судски постапки.