Гаревски: По експертизата ќе заклучиме дали треба посериозна санација на мостот

На барање од Градот Скопје, Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени ќе направи експертиза и проверка на сигурноста и оштетувањата на мостот „Беласица“, којашто се состои од визуелна инспекција, недеструктивни тестови, односно земање примероци за проверка на носивоста на бетонот и на оштетената арматура.

Ова го соопшти Михаил Гаревски од Институтот на денешната прес конференција со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Гаревски рече дека експертизата која ќе ја прави Институтот не би смеело да трае повеќе од 20 дена и таа ќе покаже дали треба санација.

-Секако, треба да се направи некоја санација. По експертизата ќе заклучиме дали треба посериозна санација, иако на прв поглед не личи така. Секако ќе треба да се направи дополнително зајакнување, што ќе овозможи брзо пуштање на мостот. Прво со една лента или некое пробно товарење, а потоа ќе може да кажеме дека можеби нема да треба некоја санација на главниот систем, додава Гаревски.