Левица со два амандмани бара одложување на пописот за 2022 и итно прекинување на пописот на дијаспората
Левица со два амандмани бара одложување на пописот за 2022 и итно прекинување на пописот на дијаспората
Денес политичката партија Левица излезе повторно со соопштение до јавност во врска со предлогот на Закон за именување и дополнување на Законот за попис, поднесен од страна на Владата. Тие ја известуваат јавноста дека, нивните пратеници, Димитар Апасиев и Борислав Крмов до претседателот на Собранието на Република Македонија поднеле два амандмани на ово предлог измени.
„Првиот амандман се однесува на Член 1, став (1), со кој се бара промена на зборовите „од 5 до 30 септември 2021 година“ со зборовите „1 до 21 април 2022 година“. Ова, имено беше и првичното барање на Левица откако ја започна својата кампања „Не отворам врата“. Амандманот го предлагаме со цел заштита на јавното здравје, предвидено како уставна должност на секој граѓанин, почитување на нормативната хиерархија и владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок, а во насока на почитување на препораките на Обединетите Нации – Департментот за статистика на ООН и Популациониот фонд на ОН.
Другиот амандман се однесува на Член 2 од Законот, којшто предлагаме да се замени со Членот: „(1) Со денот на влегување во сила на овој закон, престанува самопопишувањето на лицата – државјани на РМ, кои се на привремена работа, или престој во странство“; (2) Државниот завод за статистика е должен да ја отстрани од својот веб сајт апликацијата за самопопишување на дијаспората“. Овој амандман го предлагаме со цел воедначување на применетата Методологија со препораките на Обединетите Нации и ЕУРОСТАТ”, соопштуваат од Левица.
Од партијата потсетуваат дека и понатаму ќе работат во полза на промена на целата нерегуларна и несоодветна методологија во Законот, којашто како што велат, не е по ниту еден меѓународен стандард, туку само по стандардите на коалициониот партнер на СДСМ – ДУИ.
Како што потенцираа од партијата во нивното претходно соопштение денес, доколку не се донесе нов закон по сите меѓународни стандарди и со консензус на сите парламентарни партии, тие ќе продолжат со кампањата Не Отворам Врата, за која нагласуваат дека е поддржана од народот.