Како Западот ја контролира Африка? – Прво создава проблем, па нуди решение за истото

Скорешните случувања во Нигер кој се наоѓа на крстопат со многу краци, се рефлектираат и на многу други земји на африканскиот континент. Од една страна Нигер е богат со природни ресурси, додека од друга страна е една од најсиромашните нации на планетата. Земјата без излез на море не е само значаен производител на ураниум, може да се пофали и со злато, јаглен, железна руда, па дури и нафта. Сепак, близу 42 отсто од нејзиното население страда од екстремна сиромаштија, според Светската банка.

Иако Франција упорно инсистира дека нејзините трупи се „сила“ која е потребна за добро во регионот, таа избегнува да ја спомене улогата што ја одигра во дестабилизацијата на Африка, на прво место кога го поддржа соборувањето на либискиот лидер Моамер Гадафи во 2011 година, предизвикувајќи граѓански конфликт. За време на тој напад предводен од НАТО на една од најпросперитетните земји на континентот, милициите добија изобилство оружје од Западот, кое сега го користат за тероризирање на Либијците и соседните држави.

Падот на владата доведе до масовно ослободување на поранешните исламистички затвореници кои по слободата, повторно се фатија за оружје. Ова пак, се прелеа во Мали, кој беше соочен со сопствениот исламистички бунт. Така, Франција создаде проблем, а потоа понуди решение за проблемот што првично го започна, обезбедувајќи тешката ситуација да се претвори во бесконечна криза.

Многу аналитичари во Нигер стравуваат од враќање на религиозниот екстремизам и појава на насилни милиции после пучот. Тие се сомневаат дека Франција ќе поттикне тензии за да го оправда враќањето на својот воен персонал на теренот, особено затоа што Макрон претрпе значителен удар врз неговиот план за зајакнати односи меѓу Франција и Африка.

Ова е стара империјалистичка техника која првпат се користеше по деколонизацијата во доцните 1960-ти, кога француските екстремно десничарски тајни организации водеа програма соодветно наречена „стратегија на тензија“. Оваа политика, иницирана во новонезависните северноафрикански држави, беше предводена од поранешниот капетан на француската армија Ив Герин-Серак, а нејзината мисија беше да предизвика етнички судири во овие нации, што ќе доведе до внатрешни конфликти.

Следствено, Франција би се сметала за сила за добро, а локалното население би го поздравило враќањето на нивните колонијални господари. Овие немири кои следеа, исто така, ќе покажат дека африканските нации не можат сами да се управуваат. Додека активностите на Герин-Серак на крајот сепак беа разоткриени и неговите планови пропаднаа во регионот на Магреб, на друго место во Африка. Овие вештачки немири кои им служат на западните интереси, често се забележани како причина за стагнација на економиите и неспособноста на земјите богати со ресурси да се развиваат адекватно.

Стравовите на Нигер се оправдани и разбирливи. Овие „стратегии на тензија“ често се користеа, иако под различни знамиња, во Африка и низ Латинска Америка кога владите покажаа желба да се еманципираат од гушењето на западното мешање.