АктуелноЛокалноСтав

Државата наместо да нѐ заштити – со пописот ни го одзема правото да го чуваме сопственото здравје

На здравје умирачка. Од овие институции се шири боен отров!
Трул систем – себични политики кои го убиваат сопствениот народ.


Племенски, безобѕирни поглавари – глуви за сѐ друго освен за шумот на парите. Квазиреформатори и визионери – слепи за сѐ друго, освен за раскошот во нивните хациенди.

Дали човечкиот живот е неприкосновен? Дали смртта добива сѐ побројни причинители: болести, депресии, непостапување, нестручни кадри, немоќно здравство, истоштеност, финансиска немоќ, брутални политики? Размислете подлабоко, обидете се да ја пронајдете сржта на секоја трагедија, горчина, несреќа, секое проклетство… Дали воопшто се чувствувате заштитени? Кога последен пат сте се чувствувале безгрижни? Изолирани, осамени во своите домашни затвори, секојдневно очекувајќи зрно надеж во информативните содржини кои дополнително ве разочаруваат – станувате гневни. Гневот расте со секоја нова ковид – статистика, секоја нова моронска владина мерка, секој нов апел за донации и смс лекувања на наши сограѓани, секое ново уништено детство, секоја нова приказна за изгубената надеж и барањето спас во странство. Гневот расте со секое ново назначување на шарлатани за функционери…

Политичките одлуки – навлезени во секоја пора на живеењето секојдневно влијаат на нас, со закани нѐ доведуваат во лимбо состојба. Ни сервираат говори како утеха на смртната постела: „Имаме план за имунизација“, вакцините „пристигнуваат“ во јануари, па февруари, па во март… И најверојатно ќе поентираат со триумфалистички говор за успешна набавка или донација на вакцина од Астра Зенека со која „доброволно“ наместо имунизација, ќе имаме колективна евтаназија.

Државата не само што не е способна да нѐ заштити и да се справи со пандемијата, туку и свесно нѐ изложува на ризик и со закани за наводни казни ни ги одзема правото и должноста да го чуваме и унапредуваме сопственото здравје и здравјето на другите. Па така и пописот кој со години е занемаруван, со насилна политичка одлука мора без одлагање да се спроведе токму во период на пандемија и кризна состојба… Инвентивната политика на власта нема да нѐ зачуди ако одлучи поради кризната состојба со секој попишувач да ангажираат придружба од двајца војници за обезбедување и еден полицаец за казнување.


Тоа што се навикнавме да живееме во ваков гнил систем со лоши политики кон животот и среќата на обичниот човек, не значи дека истиот е нормален. Исцрпената надеж во децениски докажаните флоскули и интриги не значи дека овој систем е непроменлив и неизбежен. Политичките одлуки го кројат општеството и сериозно влијаат на нашите животи. Неопходно е делување бидејќи бесмислено е да очекуваме здрави плодови од затруен корен. Не треба да ја потценуваме сопствената моќ. Со средствата кои ни стојат на располагање мораме да се бориме за правата кои ни следуваат бидејќи тие се земаат со затворена тупаница. Ако пак за правата просиме со отворена шака, тогаш: на здравје умирачка!

Статус на Црвена Младина
Дарја Мустафаоглу


НА ЗДРАВЈЕ УМИРАЧКА! Од овие институции се шири боен отров! Трул систем – себични политики кои го убиваат сопствениот…

Posted by Црвена Младина on Monday, March 15, 2021