АФЖ – Левица: На жртвите на семејно насилство им биле наплатувани медицинските трошоци

АФЖ на Левица, во својата последна реакција ја осудуваат некоректноста во третманот и односот кон жртвите на семејно насилство од страна на Министерството за здравство и Центрите за социјална работа предводени од ДУИ и СДС, во кое се вели:

„Жртвите на семејно насилство, покрај тортурата дома и правните лавиринти низ кои мора да поминат, дополнително се изложени и на финансиски трошоци. Имено, голем број од жртвите се принудени да плаќаат за медицинските услуги за повреди предизвикани од семејното насилство.

Немањето финансиски средства е пречка за жртвите да го пријавуваат семејното насилство, а не ретко, тие се повлекуваат од водење на постапките поради немање на финансиски средства.

Јавно достапните информации (од 2019 и јануари-мај 2020 година) укажуваат на катастрофална негрижа на Министерството за здравство и Центрите за социјална работа предводени од ДУИ и СДС, спрема овој вид на насилство.

Поради немање здравствено осигурување, некои Јавни здравствени установи ПРИВАТНО наплаќале за извршената медицинска услуга на лице-жртва со повреда предизвикана од семејно насилство.

Најголем број на Јавни здравствени установи наплаќале за извршената медицинска услуга како на секое друго осигурено лице кое има потреба од медицинска услуга.

Само мал број на Јавни здравствени установи ја почитувале законската обврска веднаш да преземат мерки за заштита на жртвата, при што жртвите на семејно насилство се ослободени од плаќање на трошоци.

Центрите за социјална работа, иако имаат на располагање цела палета на мерки кои законски би можеле да ги употребат во заштита на жртвите на семејно насилство, сепак најмалку ја користеле мерката задолжително да бидат надоместени медицинските и други трошоци на жртвите на семејно насилство.

Левица бара од сите надлежните институции во државата да бидат преземени сите потребни мерки за жртвите на семејно насилство да бидат ослободени од медицински, административни, судски или било какви финансиски трошоци за да се спречи непријавување на семејно насилство или повлекување од постапката поради немање на финансиски средства.“