Кога беше мала ќерка ми си играше со другарчето Албанче – не си ги знаеа јазиците, но се разбираа

Виолета Аврамоска – член на ЦК на Левица на својот профил, преку животна приказна упати силна порака до политичарите во врска со изјавата дека ќе се попишуваат неродени деца во странство.


„Пред да го изјавите ова, требаше да размислите зошто тие деца се во странство, далеку од своите огништа. Поради вас политичарите од сите партии во Македонија.

Зошто куќите останаа празни, зошто во тишината на ноќта плачат мајките, мајките Македонски, Албанки, Турчинки, Србинки, Ромки, неважно на која националност припаѓаат? Плачат МАЈКИТЕ за своите чеда кои се далеку од нивните прегратки. Копнеат со солзи во очите да можат да ги видат, да ги прегрнат, да им го почувствуваат мирисот , на чедата, на внучињата. Кога ќе ја местат празничната трпеза, со болка во душата ги гледаат празните места на неа. Зашто мајката нема име, нема нација, нема вера, таа е само МАЈКА.

Зошто? Заради вас политичарите кои ја уништивте државата. Заради вас политичарите , кои за остварување на вашите лични интереси и амбиции 30 години разгорувате национална и верска омраза. Заради вас политичарите кои водевте војна во 2001 година. Во таа војна , вие сите заедно печевте јагниња на Шара , додека сиромашните војуваа, не знаејќи за кого и за што? Не знаеа дека војуваат за вас, за да си натрупате капитал, да ги наполните вашите сметки со милиони . Кои се тие што гинеа? Не, тоа не беа вашите деца. Вашите деца беа на сигурно, далеку некаде, во некои монденски одморалишта. Тоа беа нивните деца, деца на сиромашните мајки , децата кои лесно можевте да ги манипулирате со вашите лаги. Вие, политичарите во Македонија, сеедно од која партија доаѓате, македонска или албанска, од вас проплака Македонија.

Живеевме ние и пред вас, пред да се појавите вие на политичката сцена, сите заедно, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми и сите други националности. Живееме заедно и сега и не ни е важно кој на кој јазик зборува, човекот е ЧОВЕК и се разбира со јазикот на љубовта и меѓусебното почитување.

Кога беше мала ќерка ми, си играа секој ден со нејзиното другарче, Албанче. Тие си играа, а ние пиевме комшиско кафе и ги гледавме. Таа, зборуваше македонски, а тоа, албански. И се разбираа. Таа , иако не знаеше албански, секогаш го разбираше што и’ кажува, тоа, иако тогаш не знаеше македонски, секогаш ја разбираше што му зборува. Понекогаш ќе се прашавме како можат да се разберат, а одговорот беше , затоа што се деца. Се разбираат поради својата добрина и љубов.

Доста ни е веќе од вашите поделби, доста ни е веќе да не’ делите по националност и верска припадност. Доста ни е од вас и од вашите политички игри и манипулации.

Вратете ги младите во своите вековни огништа. Запрете ги солзите на мајките. Не е важно на која националност припаѓаат, Македонија е нивна татковина, а единствената поделба која постои во таа нивна татковина е поделбата на богати и сиромашни.

Често пати читам еден графит и жал ми е што тој графит ја отсликува реалноста во Македонија. „Што си по националност? – По националност сум сиромашен.”

За тоа борете се вие валкани политичари и политиканти. Намалете ја класната раслоеност во државава. Вратете ја средната класа.
Да нема сиромашни и гладни. Овозможите им пристоен и достоинствен живот на сите граѓани во Македонија, право на бесплатно здравство, а не лекување на дечиња со СМС пораки, образование на секое дете, работа и пристојни плати, за да се разгорат згаснатите огништа, а не омразата, за да не заминат и овие млади што останаа со надеж дека ќе донесете ЖИВОТ.”


Пред да го изјавите ова, требаше да размислите зошто тие деца се во странство, далеку од своите огништа. Поради вас…

Posted by Виолета Аврамоска on Saturday, April 3, 2021