Семејството на Стеван Наумов – Стив во чест 100 години од неговото раѓањето

Дигиталната верзија на оваа книга ја објавува семејството
на народниот херој Стефан Наумов – Стив во чест на 100 години
од неговото раѓањето.
Делото е објавено со дозвола од семејството на авторот.


Сеуште се сеќаваме. Многумина од нас сме членови на семејства на паднатите борци од НОБ и може да нѐ видите на секој државен празник или локално значаен датум од НОБ и ослободувањето на Македонија, како ставаме цвеќе на спомениците на хероите. За нас кои сме пораснати со сеќавањата  на нашите мајки и татквоци, баби и дедовци, секогаш е ден исполнет со гордост и почит, но и тага и празнина. 

Нашето оддавање почит секогаш ќе биде емотивно – нормално, кога жалиме по млади луѓе, кои никогаш не станаа учители, доктори, инженери, агрономи, правници, државници. Веруваа во рамноправност и подобро утре за сите луѓе -со високо кренати глави и пушка во рака, излегоа од студентските и ученичките клупи, да го променат системот на Кралството Југославија, да ги избркаат фашистичките германски и бугарски окупатори, да извојуваат слобода за Македонија. 

Овој пат одлучивме да ги споделиме книгите од архивите. По повод 100 години од раѓањето на народниот херој Стефан Наумов – Стив објавуваме дигитална верзија на книгата од Ѓорѓи Димовски – Цолев, која секако не е популарно литературно дело, но е единствената ваква збирка на документи, слики и усмени кажувања од соборци, другари и од неговото најблиско семејство.

Почнувајќи од потеклото на семејството и раното детство на Стив, низ гимназијалските денови во Битола и прогресивните идеи на тогашната младина, студенските денови во Белград и членството во Комунистичката партија на Југославија, па се до партизанските активности во Битола и Битолско, Цолев ја составува сликата за краткиот, но активен живот на Стив. Иако поткрепена со доста емотивни сеќавања од најблиските, како и лични ставови на авторот, преку голем број на сведоштва и наводи од историски документи успешно доловува јасна слика за социо-економската и политичка ситуација во Македонија пред почетокот на Втората Светска војна, како и за почетоците на Народно-Ослободителната Борба во Македонија.

Меѓу имињата на Мите Богоевски, Кузман Јосифовски – Питу, Борка Талески, Трифун Пановски, Елпида Караманди, Трајче Груевски, и уште стотици други споменати, сигурни сме дека многумина од читателите ќе си ги најдат најблиските. Ќе се потсетат на идеалите на една мината генерација, која ни ја донесе слободата и правото да сме рамноправни граѓани на светот – Македонци со свој јазик, песна и обичаи. Ние секогаш стоиме горди на тоа кои сме и чии сме, со кренати глави, заради нив и за нив. 

Вечна им слава на хероите.

Александра Бошкова.


Целата книга во дигитална верзија е достапна ТУКА.


Ѓорги Димовски– Цолев, (1929-2015) е истакнат историчар и публицист, научник од областа на националната историја. Целиот свој работен век го минал како професор по историја во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ – Битола и Педагошката академија, работел на пишување учебници, како и во истражувањето и проучување на минатото на Битола и Битолско. Автор е на повеќе од 100 трудови, објавени во зборници, стручни научни периодични списанија, како и на 15-тина книги од областа на револуционерната борба во Битола и Битолско. Добитник е на повеќе благодарници, пофалби, плакети и награди меѓу кои и награда „4-ти Ноември“ за животно дело.