Мрачна паралела – ME NE FREGO
Моменталната состојба во Македонија, дали во политичката област или во областа на медиумите, ме потсетува на падот на демократија во Италија и подемот на Фашизмот во првата третина на XX век. Иако за подемот на Нацизмот во Германија генерално многу повеќе се анализира и дискутира, јас сметам дека можеме да извлечеме поука и од Италија за тоа како еден цивилизиран народ се претвара во примитивен и агресивен.
Доколку ова било една претстава за Италија во првата третина на XX век, тогаш претставата ќе се викаше “ME NE FREGO” и главните улоги би ги имале: Бенито Мусолини, Џиакомо Матиоти, Џиовани Амендола, Феручио Жеан Галиа и една голема безлична и споулавена толпа. Не е безлична бидејќи немаат лице, туку безлична поради нивниот ум, колективната хистерија и однесување.
Завесите се креваат со што се појавува мртов човек како лежи на улиците во Италија со рана од куршум во главата. Тоа е телото на Феручи (водач/лидер на италијанските комунисти) ,пред телото стои безличната толпа која го извршила убиството. Толбата, заедно со водачот на фашистичкото движење Мусолини биле обвинети за убиството. Обвинетите, соочени со целата ситуација, тие единствено изговриле “ME NE FREGO”. Годината е 1922, по Маршот но Рим, комунистите биле потиснати, цензурирани и убивани, а Мусолини е премиер. Еден од ретките што останале да му се спротивстават бил Џиакомо Матиоти, лидерот на италијанските Социјалисти, кој јавно и гласно го предупредувал народот, со надеж да ја спаси Италија од пропаст, покажувајќи кон бруталноста на Мусолини и неговата безлична толпа. Но, на неговата огромен загриженост, одговорот што го добивал од тие кои ги обвинил, бил само “ME NE FREGO”.
Во наредната сцена, завесите се креваат, при што го покажуваат телото на Џиакомо кој бил изврзан и однесен во шумите надвор од Рим, каде што бил прободуван во стомакот неколку пати и бил оставен во шумата да крвари до смрт. До неговото тело ја наоѓаме пак безличната мрачна толпа која го извршила убиството заедно со Мусолини. Народот, во бес и револтиран, вика по нив, поради ова злобно дело кое што се случило по што безличната мрачна толпа им возвраќа со “ME NE FREGO”. Социјалистите се мртви и уништени и сега останал само Џиовани Амендола, водачот на италијанските либерали, кој објавил многу дела и говори каде што го осудува Мусолини и неговата мрачна и безлична толпа, кажувајќи му на народот да се бори против Мусолини и толпата кој го следи.
Завесата се крева во наредната сцена, Џиовани прикажан како е претепан до смрт, крвав и оставен во неговата канцеларија, народот бара од Мусолини и неговата мрачна толпа да ја превземат одговорноста, знаејќи дека тие се виновниците. После овој чин, Мусолини оди во италијанскиот парламент каде го завзема местото на спикерот и како што народот барал да тој биде испрашуван за целото тоа насилство, крвопролевање и неред предизвикан од мрачната толпа, тој ја отворил устата – толпата што го обвинува наеднаш е мирна и дури тогаш Мусолини се обраќа: „Да, јас го направив сето ова!” Потоа, толпата во еден глас му одговорила со “ME NE FREGO” – како што обично мрачната безлична толпа ги превзема одговорностите за извршените злодела во нејзино име.
Вакви настани навистина се случиле и сите луѓе претставени во сцената се вистински. Ова се ретки моменти во историјата каде што реалноста изгледа повеќе како дело кое ги предизвикува дури и најдобрите дистописки романи како социјална фикција. “ME NE FREGO” во превод од италјански значи “Не ми е гајле”. Тоа не било само некој обичен сленг, туку било мотото на италијанските црнокошуљаши или таканаречената мрачна толпа, чии членови се шетале по улиците на Италија, правејќи нереди на опозицијата. Во периодот од 1922 до 1925 година, фашистичките банди вршеле терор на улиците во Италија, убивајќи ги сите кои што биле дел од опозицијата. Имало побуни и повикувања да одговорните бидат казнети, но кога Мусолини, на 3-ти јануари 1925 година, се качил на бината во Парламентот и одржал говор каде што се изјаснил дека тој бил одговорен за сето тоа, тој не бил тргнат од власт, ниту бил суден – туку пратениците во Парламентот кои претходно викале да ја превземе одговорноста, сега му дале целосна диктаторска моќ и Мусолини станал диктатор на Италија токму тој ден. 3-ти Јануари 1925 година во историја е запамтен како ден кога италијанската демократија умрела. А токму фразата “ME NE FREGO” имала голем ефект во процесот до појавата на оваа реалност. Тоа станало секојдневие и народот, без разлика што и да се случувало, го прифаќал тоа. „Тоа се фашистите, што може да очекуваме од нив, НЕ ИМ Е ГАЈЛЕ”. Тоа било дел од оброкот наречен фашизам и дека тие ќе продолжат со убиствата и насилството, без разлика колку и да им се кажува дека не е во ред. И на крај, на останатите пратеници, народот и кралот едноставно повеќе не им било гајле и ја прифатиле новата реалност.
Паралелата ја гледам преку тоа што и денес истото се случува и се реализира новата реалност. ДА сите крадат, ДА сите се корумпирани, ДА сите си гледаат свој личен интерес, ама на крај ДА ќе ги гласаме пак. Тоа е веќе всадено во народот како новата нормална состојба. Затоа е важно да се изучува историјата, за да се знае какви луѓе имало, со какви методи стигнале на власт и како се однесувале со народот додека биле на власт. За да во иднина такви луѓе никогаш да не стигнат до такви позиции. Има поединци кои ги осудуваат делата на одредени ликови во власта, ама како и во Италија, така и во Македонија, власта индиректно ни вика секогаш “ME NE FREGO”.