Дали Русија ќе спроведе референдум во Запорожје по примерот на Крим? Или се работи за притисок Киев да седне на преговарачка маса?

Пишува: Дарко Тодоровски – Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар

Ширум областа Запорожје во Украина, која што сега е под контрола на Русија може да се забележат огромен број на билборди со пораки „Русија е овде засекогаш“, во пресрет на најавениот референдум за присоединување кон Русија. Житлите на Запорожје во редици чекаат да поднесат документи за добивање на руски пасош и државјанство. Но дали Русија реално ќе спроведе референдум во Запорожје, или се работи за притисок кон Киев да седне на преговарачка маса? Светот е во исчекување, дали ќе биде организиран референдум по примерот на Крим или не.

Како дел од новата прес тура на Министерството за одбрана на Руската Федерација имав можност да го посетам регионот Запорожје. Регионот Запорожје во Украина практично без борба премина во рацете на Русија по почетокот на војната помеѓу Русија и Украина. Во регионот денес секаде е воспоставена цивилно-воена власт која што функционира, и животот е вратен во нормала. Жителите на Запорожје веќе живеат во новата реалност, каде што во маркетите, продавниците, се користат и рубљи и гривни.

Во поморскиот град Бердјанск на Азовското море, насекаде можат да с видат руски знамиња и билборди со пораката „Русија е овде засекогаш“. Отворени се оделенија за поднесување на документи за добивање на руски пасош, оделенија на руски банки, центри на партијата Единствена Русија, центри за хуманитарна помош, оделенија на руски телекомуникациски компании и интернет провајдери. Судејќи според изјавите на официјална Москва, посетите на високо рангирани официјални лица, како и активностите на терен, Москва е сериозно и цврсто решена да спроведе референдум не само во Запорожје, туку и во Херсонската област, како и Донбас. Според официјална Москва, досега, во Херсон, Запорожје и делови од областа Харков се поднесени околу 200 000 барања за добивање на руски пасоши.

Бердјанск е типичен град од руски императорски стил, плус посебен белег оставил периодот на Советскиот Сојуз. Во најголемиот дел од градот, со исклучок на крајбрежјето, сите згради и објекти се од времето на руската империја и на Советскиот Сојуз. Како времето да застанало во овој град, и после распадот на Советскиот Сојуз ништо не е инвестирано. На главниот плоштад, во центарот на градот, над зградата на општината се вее големо руско знаме, а во паркот има голема раздвиженост на граѓани. Дел од нив со задоволство разговараат со странските новинари, а дел не сакаат да разговараат. Големи групи на граѓани чекаат во ред во центрите за поднесување на документи за добивање на руски пасош. Се жалат на бирократијата и бавната работа на службите, но среќни се што ќе добијат руски пасоши. Во градскиот парк можеа да се сретнат и луѓе кои што изјавуваат дека тие се за Украина, и дека посакуваат поскоро да се постигне мировен договор.

Началникот на Дирекцијата за внатрешни работи во Бердјанск ни изјави дека досега се издадени 2 000 пасоши, а илјадници се во фаза на изработка. Граѓаните на Бердјанск новите пасоши ги добиваат во рок од 1 месец. Новиот градоначалник на Бердјанск, Александар Сауленко, на средбата со странските новинари изјави „Новиот живот е подобар од претходниот. Веќе нема лажни информации и забрани за Големата патриотска војна. Жителите на Бердјанск се подготвени да добијат руско државјанство. Просечната пензија денес изнесува 10.000 рубли (5.000 гривни) во споредба со времето на Украина кога истата изнесуваше 3.000 гривни. Во фаза сме да ги рестартираме компаниите кои што после 2014 година не работеа“ – Александар Сауленко.

На крајбрежјето на Бердјанск имавме можност да посетиме и едно од детските одморалишта, каде што се сместени повеќе од 70 фамилии од различни делови на Донбас и Запорожје, претежно фамилии кои што останале без своите домови. Овде децата се на безбедно, и детската смеа, игра, енергија, шумот на Азовското море, прекрасната морска панорама им помага да го заборават ужасот на војната и ужасните спомени кога се криеле во подрумите и скривниците. Истовремено, во огромниот и современ аквапарк во близина на Бердјанск, е организирана специјална програма за посета на аквапаркот од страна на семејствата бегалци, како и повеќедетните семејства од Бердјанск и регионот. Голем број на деца од различна возраст можеа да се забележат како се забавуваат и разладуваат во огромниот и преубав аквапарк.

Покрај Бердјанск, посетивме и земјоделски комбинат во околината на Мелитопол. Истиот произведува лубеници, компир, кромид, дињи. Но оваа година, како резултат на почетокот на војната, недостатокот и високите цени на ѓубривото, засадени се помали количини. Во разговорот со Дмитриј Чувашов, претставник на воено-цивилната администрација на заедницата Акимовска, област Мелитопол, тој ни изјави дека „во областа се обработуваат 1 милион земјоделски површини, и дека земјоделството е главната движечка сила на областа. Досега е собрано 70% од реколтата за оваа година. Како што можете да видите, каналот, како и системот за наводнување е од времето на советскиот сојуз, како и најголем дел од механизацијата. Нашите производи претходно ги продававме ширум Украина, а сега ги продаваме во Крим и ширум Русија.“

Тешко е да се замисли како на плодната земја ширум Украина, покрај патиштата кои што се ужасни гледаш скромни куќи и сиромашни села, стара земјоделска механизација, земјоделски комбинати во распаѓање. Во Украина не е спроведена реална земјоделска реформа, и најголем дел од земјоделското земјиште не е во рацете на реалните земјоделци. Но среќаваш добри, работливи и измачени земјоделци, кои ти подаруваат лубеници, и кои што посакуваат што поскоро да дојде до мир, и тие слободно да ги обработуваат своите скромни земјоделски површини.