Oбид за партиска контрола врз јавниот сервис: Новиот програмски сервис на МРТВ со кандидати од провладините медиуми на ВМРО-ДПМНЕ
Македонската радиотелевизија (МРТВ), националниот јавен сервис, повторно е во фокусот на јавноста поради контроверзниот избор на кандидати за новиот програмски сервис. Меѓу пријавените се наоѓаат новинарки поврзани со провладини медиуми блиски до ВМРО-ДПМНЕ, што предизвикува сериозни сомнежи за обид за партизација на медиумскиот простор и политичка контрола врз јавниот сервис, МРТВ.
Кандидати за ангажман во новиот Програмски сервис на МРТВ се:
- Ивана Ефремовски, новинарка која работела во ЕМ Медиа – медиум чиј газда е Ацо Мисајловски, брат на актуелниот министер за одбрана од ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.
- Биљана Бабиќ, главна уредничка на порталот „Република“ и поранешна новинарка во „Вечер“, чии сопственици се Ивона Талевска и Драган Павловиќ – Латас, фигури што често се поврзуваат со т.н. вмровски „Курири“ или „Куртон медиуми“ – термин што се користи за медиуми кои се сметаат за отворено пристрасни и соработници на сегашната владејачка структура и на партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнителен елемент што предизвикува контроверзии е тоа што и двете кандидатки приложиле препораки од здружението „МАН“, под водство на Ивона Талевска. Ова здружение, според критичарите, се смета за параван на медиумска мрежа во служба на интересите на медиумите под закрила на ВМРО-ДПМНЕ, чија главна цел е создавање на полтронска медиумска структура која е под целосна финансиска и уредничка контрола на сегашната власт.
Според неофицијални информации, со овие потези ВМРО-ДПМНЕ има намера целосно да ја преземе контролата врз јавниот сервис – не само преку кадровско влијание, туку и преку финансиско испумпување пари од буџетот на МРТВ преку тендери и копродукции со приватните медиуми под нивна контрола.
Овие случувања ја отвораат дебатата за транспарентноста на процесите во јавниот сервис и независноста на медиумите во земјава, токму во време кога се очекуваат реформи во медиумската сфера и исполнување на европските стандарди за слобода на изразување.
Граѓанските организации и медиумските здруженија алармираат дека се подготвува нов бран на медиумско заробување, а ваквите внатрешни кадровски решенија би можеле да ја нарушат суштинската улога на МРТВ – да биде сервис во служба на јавниот интерес, а не на партискиот.