Исмаил: Енергетиката дополнително се либерализира на штета на граѓаните
Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, на собраниската седница реагираше на донесувањето на новиот Закон за енергетика, предупредувајќи дека станува збор за правен акт кој дополнително ќе ја ослаби улогата на државата во енергетскиот сектор и ќе ги погоди најранливите категории на граѓани.
„Воопшто не се согласувам со Вашата идилична слика за Законот за енергетика”- изјави Исмаил од Левица, оценувајќи дека текстот на законот претставува дословен превод на европските директиви, со никакви адаптации на домашниот контекст.
Тој посочи дека Законот е резултат на еврофундаментализам на владата, која безусловно ги прифаќа европските регулативи, притоа игнорирајќи ги специфичните социо-економски услови во земјата. Според Исмаил, најголемата закана е што новиот закон ја третира енергијата како трговска стока, а не како јавна услуга, што во услови кога дел од енергетските капацитети се сѐ уште колку-толку во државна сопственост – претставува сериозен ризик.
„Законот овозможува дополнителна либерализација на пазарот, отворајќи го не само за странски капитал, туку и за сомнителни зделки меѓу домашната политичка елита и приватниот сектор” – предупреди пратеникот, додавајќи дека со тоа ќе се намали социјалната функција на државата во обезбедувањето на електрична енергија и други енергенси.
Исмаил укажа и на нееднаквиот пристап до ‘бенефициите’ што ги нуди законот. Идејата за „енергетски граѓани“ или „активни потрошувачи“ – според него, е неостварлива за третина од населението кое едвај може да си ги дозволи месечните сметки за струја. „Ова ќе биде можност само за богатите, за елитите, а не за обичниот граѓанин” – истакна тој.
Посебно внимание посвети на геополитичките импликации на Законот, објаснувајќи дека со неговата имплементација, Македонија ќе стане уште позависна од увоз на електрична енергија. „Наместо развој на сопствени производствени капацитети, ќе се потпираме на европскиот пазар, што ќе доведе до поскапување на струјата. Вие ветувавте поевтинување, но откако дојдовте на власт, таа само поскапе и ќе продолжи да поскапува” – предупреди Исмаил.
Тој ја критикуваше и нерамномерната примена на европските директиви, споредувајќи ја ситуацијата со централните евеопски земји кои, како што рече, ги спроведуваат само доколку се во согласност со нивниот национален интерес. „Ние, како земја која уште не ги ни отпочнала преговорите со ЕУ, безрезервно ги прифаќаме овие директиви, и тоа на сопствена штета” – рече Исмаил.
На крајот, тој оцени дека Законот нема да донесе добробит за граѓаните, туку само ќе ја зацврсти економската и енергетска моќ на политичката и бизнис елита: „Ќе се отвори можност за профит само за оние што веќе поседуваат хидроцентрали и други енергетски капацитети, додека обичниот народ ќе го изгуби и она малку што сега го има.“