АктуелноЛокалноСатира

(Видео) Левица – Аеродром со „Награда за највисока трева“: Сатирично видео со критика до локалната власт за запуштените јавни површини

Локалниот огранок на Левица од општина Аеродром со доза на иронија ја коментираше состојбата со јавните површини во општината, доделувајќи „награди“ за највисока трева во различни делови на Аеродром. Целта на акцијата, според соопштението, е да се укаже на негрижата и пасивноста на локалната власт кога станува збор за одржувањето на парковите и тревниците.

„Оваа година, под покровителство на пасивната локална власт, успеавме да ја одржиме ‘традицијата’ на непрепознатливи паркови и запуштени тревници“, наведуваат од Левица – Аеродром, истакнувајќи ја континуираната негрижа кон јавниот простор.

Во рамки на сатиричниот избор, беа доделени три „награди“:

  • Трето место за тревата висока 1.40 метри во Ново Лисиче
  • Второ место за тревата висока 1.70 метри во населба Аеродром
  • Прво место за магарешки трн со висина над 3 метри во Реонски центар

Овој симболичен „натпревар“ е, како што велат од партијата, нивен одговор на „неспособноста на општинските власти да одржуваат основна хигиена и уреденост на јавниот простор“.

„Наместо бетон, ѓубре и неискосени тревници – граѓаните заслужуваат функционална и чиста средина за живеење“, порачуваат од Левица – Аеродром, најавувајќи дека ќе продолжат со разобличување на урбанистичките злоупотреби и ќе се борат за јавниот интерес на жителите.

Со вакви креативни акции, партијата уште еднаш ја истакна својата улога како гласен критичар на локалната самоуправа и активен учесник во одбраната на јавниот простор.

Целото видео на Локалниот огранок во продолжение: