Силни полициски екипи и инспектори „го тероризираат“ Кочани – На разговор повикан и родител на жртва во трагедијата
Кочани денеска е под силно присуство на полициски и инспекциски служби, што предизвикува вознемиреност кај локалното население. Според сведоштва на граѓани, инспектори од Министерството за внатрешни работи, Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат и други институции вршат масовни контроли во ресторани, кафулиња и продавници, при што, како што велат жителите, се изрекуваат бројни казни.
Граѓаните реагираат дека оваа акција, која доаѓа само неколку недели по трагедијата од 16 март, кога во пожар во угостителски објект загинаа 62 лица, претставува дополнителен притисок врз бизнисите кои и онака тешко функционираат. Многу локални продавници и угостителски објекти затворија веднаш по трагедијата, а тие што останаа отворени сега се соочуваат со нова криза, велат засегнатите.
Особено вознемирувачки е фактот што, според информации од терен, на информативен разговор во полициска станица бил повикан и родител на една од жртвите од трагичниот настан. Овој потег дополнително ја засили перцепцијата за институционален притисок и репресија, наместо фокус на вистинска истрага и одговорност за причините и пропустите кои доведоа до несреќата.
Причините за интензивирањето на контролите засега не се официјално објаснети од надлежните институции. Но, јавноста бара одговори зошто овие акции се спроведуваат во период кога градот се уште се соочува со последиците од најголемата трагедија во неговата историја.