Левица: Mинистерот Беким Сали ги игнорира проблемите на стоматолозите
- Реакција на Левица – Здравствен сектор
Денес пред Министерството за Здравство се одржува протест на Здружението на приватни здравствени установи и приватни доктори по дентална медицина, поради алармантната ситуација во која се наоѓа фелата.
Здружението (ЗПЗСУ ПДДМ) достави предлог-Барање за промени до Министерството за Здравство со детални забелешки и сугестии. Секторот на Левица темелно го разгледа истото и сака да го истакне делот кадешто стои барањето за:
-Воведување на нови услуги и отфрлање на услуги кои се застарени и не се во согласност со светската практика.
-Воведување на глас-јономерна пломба
-Исфрлање на двокомпонентно композитно полнење
-Исфрлање на ендодонтски третман и
-Усогласување и покачување на постоечкиот износ на партиципација во примарна стоматолошка здравствена заштита, согласно растот на цените за потребните материјални и основни трошоци, користени при секоја интервенција или преглед.”
Со овие барања, товарот на кризата повторно ќе се префли врз грбот на обичниот граѓанин. Тоа би значело дека со укинување на застарените услуги и воведување на поквалитетни услуги би поскапела и досегашната услуга, која не е бесплатна.
Левица, како партија која секогаш стои зад народните интереси, ќе ја даде својата поддршка за промени, само ако горенаведените промени бидат на терет на Фондот за Здравство, а тоа може да се оствари бидејќи годишно недостасуваат скоро 12 милиони евра од буџетот за општа стоматологија.
Нашите позиции се дека правецот во кој треба да се движи стоматолошката здравствена заштита во Македонија е полскиот систем на стоматолошка здравствена заштита, кој се покажува како мошне успешен систем.
Системот опфаќа отсуство на матични пациенти и слободен избор на лекар – стоматолог, како и имплементација на двокомпонентни композити во фронтална регија за која пациентот не е обврзан со плаќање за услугата, туку тоа во целост го покрива Фондот за Здравство.
Тоа во пракса би значело дека основните стоматолошки интервенции во целост би биле бесплатни за сите македонски граѓани, додека само поквалитетните услуги би се плаќале со партиципација.
За кризата која се отсликува во секоја општествена сфера, говори фактот што преку 72% стоматолошки тима (од вкупно 1.211) кои имаат склучено договор со ФЗОСМ, имаат запишани под 1.500 пациенти – кои претставуваат потребен минимум за да овие стоматолошки установи поминат минимална плата за доктор и сестра од 12.000 ден и основните режиски трошоци на амбулантата.
Министерот Сали, кој доаѓа од редовите на Алтернатива, изминативе месеци не понуди никаков проект, ниту пак решение за катастрофалната состојба во која се наоѓа здравството.
Ова пак потврдува, дека единствениот критериум за коалицирање се ситно-партиските интереси на корумпираните партии – наместо стручноста, идеите и визијата за општественото уредување на Републиката.