АктуелноЛокално

Секој месец Македонија плаќа 300.000 евра за неискористен гас: Заглавени во 14-годишен договор со грчкиот терминал во Александрополис

Од октомври 2024 година, Македонија секој месец троши речиси 300 илјади евра од државниот буџет за закуп на капацитет за природен гас од терминалот во грчкиот град Александрополис – гас кој воопшто не се користи. Министерката за енергетика Сања Божиновска во интервју за ТВ24 откри дека оваа обврска ќе продолжи уште 14 години, што значи дека граѓаните ќе платат над 50 милиони евра за непотребна услуга.

Божиновска објасни дека оваа обврска произлегува од договор склучен за закуп на преносен капацитет, поврзан со учеството на Македонија како косопственик со 25% во електрана. Сепак, откако пропаднала можноста за сопственост во гасниот терминал, обврската за плаќање останала во сила.

„Кога дојдов, затекнав фактура врз основа на долгорочен договор за закуп на гасен капацитет од 15 години. Месечната сума е 300 илјади евра, а капацитетот не се користи“, изјави министерката Божиновска.

Таа посочи дека државната компанија ЕСМ се обидува да го раскине договорот, но тоа е речиси невозможно поради меѓународниот карактер на договорот со грчката компанија „Gastrade“. Прекинување на плаќањата би довело до тужба против Македонија.

Здружението на инженери на Македонија остро реагираше и побара итно истражување на случајот. Претставникот Илија Бендевски најави поднесување барање до Владата за поништување на договорот и кривична одговорност за оној што го потпишал.

Телевизија 24 побара став од претходното раководство на ЕСМ, но поранешниот директор Васко Ковачевски, кој е обвинет во случајот „Адитив“ и е во бегство, не беше достапен. Другите членови од тогашниот менаџерски тим одбија да коментираат, но неофицијално изјавија дека постоела можност гасот да се препродава. Актуелната управа на ЕСМ потврди дека се обиделе тоа да го сторат неколку пати, но безуспешно.

Останува отворено прашањето: зошто Македонија треба да плаќа милионски износи за нешто што не користи – и кој ќе ја сноси одговорноста?