АктуелноЛокално

Ценовен цунами по укинување на мерките – синдикалната кошница скокна за 1.000 денари за само неколку дена

По укинувањето на владините антикризни мерки за замрзнати цени и маржи, граѓаните се соочуваат со нов удар врз семејниот буџет. Основните прехранбени производи за само неколку дена поскапеа од 10 до 20 проценти, а синдикалната минимална кошница скокна за над 1.000 денари.

На удар се месото, млечните производи, оризот, кафето, но и средствата за хигиена и овошјето. Апсурдните цени на пазарите се веќе реалност – црешите достигнаа дури 1.359 денари за килограм, а лубеницата 219 денари, што ги надминува дури и луксузните артикли во регионални центри.

Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) алармираат дека новото покачување сериозно ја загрозува егзистенцијата на работниците и нивните семејства, барајќи итно усогласување на платите со новонастанатата реалност, како и нов сет социјални мерки.

„Неопходно е да се покачат платите и пензиите, но и да се донесат нови таргетирани мерки за заштита на најранливите категории. Не е доволно Владата да ја пушти економијата на пазарна слобода без никаква регулатива, особено кога се работи за артикли од прва потреба“, велат од ССМ.

Министерот за економија, Бесар Дурмиши, најави дека Владата ќе интервенира доколку ценовните шокови надминат 15 до 20 проценти. Сепак, засега нема конкретни мерки, туку се чекаат податоци од Државниот пазарен инспекторат. Тој треба да достави анализа што ќе покаже дали има неоправдано зголемување на цените.

Дополнителна дилема внесува и фактот што новата вредност на синдикалната потрошувачка кошница – која сега ќе се мери за тричлено, наместо четиричлено семејство – сè уште не е објавена, што отвора прашања за транспарентноста на методологијата и реалната состојба на терен.

Во меѓувреме, граѓаните сè почесто избираат помалку и поевтино, при што квалитетот станува луксуз. Владата повторно е ставена на тест: дали ќе интервенира навреме или повторно ќе ја плати цената народот?

Z P

Zvezdanka Pesikj