Полумилионска измама во образованието – Фантомски превоз за ученици што не оделе на училиште
Скандал од над половина милион евра во образовниот систем. Бивша директорка на средно училиште од Куманово, шестмина вработени во Министерството за образование и наука, како и двајца бизнисмени и нивните фирми, се осомничени за организирана злоупотреба на јавни средства преку фиктивни тендери за ученички превоз – во време кога немало ученици во училиштето поради реконструкција!
Според МВР, во учебната 2022/2023 и 2023/2024 година, додека објектот на училиштето се реконструирал и наставата се одвивала онлајн, првопријавената В.Т., тогашна директорка на училиштето, организирала две постапки за јавни набавки за ученички превоз. Во двете постапки учествувало само едно превозно претпријатие од Куманово, чиј сопственик, Д.П., заедно со директорката, изготвил лажни записници за „успешно извршен превоз“.
Овие фиктивни документи потоа станале основа за лажни фактури, кои биле испратени до Министерството за образование. Шест службеници од МОН – В.Д., Д.Б., В.В., Ј.В., Д.Т. и Н.К. – ги одобриле и исплатиле фактурите, иако знаеле дека нема настава со физичко присуство. Буџетот на државата, според истрагата, е оштетен за над 530.000 евра (32.620.123 денари).
Скандалот не завршува тука. Сомнителната книговодствена документација ја обработувала фирма за сметководство од Куманово, иако управителката била свесна дека фактурите се без законски основ.
„Знаеја дека нема превоз, но, потпишуваа и исплаќаа“, стои во соопштението од МВР.
Целиот случај покажува колку лесно и организирано може да се црпат јавни пари преку фиктивни услуги, со координација помеѓу локални директори, министерски службеници и приватни фирми.
Овој пример ја отсликува хроничната болест на системот: корупција, фалсификати, злоупотреба на овластувања и, најстрашно, неказнивост. Повторно, образованието е жртва на криминалните апетити на оние кои треба да го градат, а не крадат.
Дали ќе има одговорност, или пак делото ќе застари под некоја прашлива папка?