АктуелноЛокално

Левица: ДПМНЕ ја одбра страната на неказнивоста – одби поддршка за измени во Кривичниот законик

Партијата Левица со остра реакција по неодамнешното гласање во Собранието, обвинувајќи ја ДПМНЕ дека свесно ја саботира борбата против организираниот криминал и корупцијата. Повод за реакцијата е одбивањето на пратениците од ДПМНЕ, како и нивните коалициски партнери ВРЕДИ и ЗНАМ, да го поддржат предлогот на Левица за измени на Кривичниот законик.

Како што соопшти Левица, со предложените измени се бараше двојно зголемување на роковите за застарување на кривичните дела и воведување незастарливост за дела сторени од службени лица при вршење на нивната функција.

„Кога ќе ви застаре криминалот на моќниците – сетете се дека ДПМНЕ не гласаше за крај на таквата неказнивост“, порачуваат од Левица, обвинувајќи дека наводната заложба на ДПМНЕ за реформи во правосудството е само параван за инсталирање „свои судии и обвинители“.

Левица потсетува и на контроверзните измени на Кривичниот законик во 2023 година, изгласани од тогашното парламентарно мнозинство на СДСМ и ДУИ, со поддршка на кворум од ДПМНЕ. Тие измени, според партијата, овозможиле многу актуелни и поранешни функционери да избегнат кривична одговорност преку застарување на делата.

„Само минатата година до ноември, во Кривичниот суд застареле 71 предмет. Тоа се 71 примери за распаднат правен систем, симбол на договарања под маса, влијанија и уцени“, стои во соопштението.

Од Левица предупредуваат дека довербата на граѓаните во правдата е уништена, и дека моќниците денес немаат ниту страв да направат кривично дело, ниту срам кога тоа ќе биде откриено – бидејќи системот е, како што велат, дизајниран да ги штити.

„Ќе продолжиме бескомпромисно да се бориме против неказнивоста. Овој предлог е само дел од нашата поширока борба за вистински реформи и системски промени“, порача Левица.

Целото соопштение на партијата во продолжение: