Од почетокот на мај, дел од студентите кои примаат семејна пензија поради починат родител останале без право на субвенциониран студентски оброк, алармира платформата за студентско информирање „Студентарија“. Според нив, оваа одлука претставува неправда и социјална неодговорност од страна на институциите.
„Иако овие студенти со месеци редовно ги добиваа средствата за оброк, од овој месец повеќе не се на списокот на корисници. Причината – нивните месечни приливи, односно пензијата“, посочуваат од платформата, нагласувајќи дека семејната пензија е социјално право, а не доброволен избор или редовен приход како плата.
Дополнително, од Студентарија укажуваат дека правото на оброк не било прекинато само на оние студенти чии пензии надминуваат минимална плата, туку и на некои чии приходи се под овој праг, што создава дополнителна конфузија и чувство на дискриминација.
„Овие студенти не се финансиски независни и нивниот приход е последица на семејна трагедија. Често, тие средства ги делат со браќа, сестри или други членови на домаќинството. Одлуката да се укине субвенцијата без претходно известување е крајно несоодветна и остави многумина во неизвесност“, стои во реакцијата на платформата.
Од таму апелираат до надлежните институции да го преиспитаат критериумот за доделување на субвенциониран студентски оброк и да го прилагодат на реалните социјални услови, не само на формалните приходи. Бараат и воведување на социјална проценка, транспарентност во критериумите и доследност во примената на мерката.
„Семејната пензија не е луксуз, туку форма на државна поддршка за ранливи категории. Никој не избира да изгуби родител и затоа овие студенти заслужуваат посебно внимание и поддршка“, потенцираат од Студентарија.
Реакцијата веќе е испратена до Министерството за образование и наука (МОН), од каде се очекува одговор и конкретни чекори за надминување на проблемот.
Целата реакција на Студентарија во продолжение: