АктуелноЛокално

Голгота по дожд: Поплавена улица во Горна Чаршија – жителите на улица 185 во Тетово обвинуваат за небрежност

Поплави, кал, прашина и изолираност – вака изгледа секојдневието на жителите на улица 185 во тетовската Горна Чаршија, откако, според нивните тврдења, општинските власти ја отстраниле старата калдрма, но не ја обновиле улицата, оставајќи ја во лоша и ризична состојба.

По врнежите во текот на денешниот ден, улицата повторно беше поплавена. Сликите и видеата што жителите ги објавуваат на социјалните мрежи покажуваат вода што се собира и тече по нерамниот, нечист терен, отежнувајќи го движењето на пешаците и правејќи ја улицата речиси непроодна за автомобили.

„Како што гледате, секогаш кога врне улицата е во ваква состојба. Ни такси не доаѓаат, а камоли брза помош. Неколку пати се обидовме да стапиме во контакт со градоначалникот, но нема слух. Нè оставија вака со месеци“, изјавува еден од жителите.

Според локалците, уште од септември улицата е во полурушевна состојба, откако општината ја отстранила старата калдрма, наводно за да ја искористи за друга улица кај бутиците во центарот.

„Ни рекоа дека ќе ја средат улицата, ама до денес ништо. Има болни, стари лица тука, а прашината кога е суво време не’ гуши. За една недела работа можеше да се реши сè. Ова е срамота за општината“, додава друг жител.

Покрај поплавената улица 185, денес беаобјавени и слики од соседната улица 184, каде што врнежите предизвикаа навлегување на вода во домовите.

Од Општина Тетово велат дека се информирани за проблемот и најавуваат асфалтирање на улицата во текот на мај или јуни, со средства обезбедени преку Владата.

Сепак, жителите се скептични поради неисполнетите ветувања во минатото и бараат итна реакција. Велат дека не можат да чекаат уште еден месец, додека се борат со вода, кал и прашина секојдневно.

Z P

Zvezdanka Pesikj