Последен поздрав до Папата Франсис од еден атеист и левичар
- Пишува: Билјана Ванковска – Доктор на политички науки, редовна професорка и раководителка на последипломските студии по Мир и развој на Филозофскиот факултет во Скопје:
Со потекло од работничко семејство, родена во социјалистичка Југославија/Македонија, не е ни чудно што останав лево ориентирана до денес (65 години). Во мојата тогашна татковина, за разлика од многу други бивши социјалистички земји, религијата не беше ниту забранета, ниту ограничена. Напротив! Македонската православна црква беше обновена под власт на комунистите, а не беше чудно ни тоа што државни и партиски функционери си ги славеа сите верски празници. Впрочем, и главниот Соборен храм во центарот на Скопје беше изграден со самопридонес (донации на граѓаните), покрај црковниот буџет и државната помош. Состојбата најубаво можам да ја опишам со личен, семеен пример: во мојот дом никогаш не сме фарбале црвени јајца за Велигден, но секогаш за нас најубавите јајца доаѓаа од домот на мојот чичко, брат на татко ми. Ние одевме кај нив на гости за Велигден и Божиќ, а тие кај нас за 1 Мај (Денот на трудот) и за 29 Ноември (Денот на Републиката).
За разлика од мнозинството во моето општество, по падот на социјализмот, јас останав атеист а-ла Хиченс. Останатите преку ноќ станаа големи верници (поради етничката и конфесионалната структура на општеството, вкупно околу 90 отсто од популацијата се изјаснува како православна или муслиманска). На лицемерието му немаше крај. Во нашата домашна библиотека (татко ми беше работник-поет, а домот ни беше преполн со книги) ги имавме и Библијата и Куранот. Од мали нозе имав елементарни познавања за главните верски учења, така што бев верски поедуцирана од повеќето верници кои ниту го познаваа верското учење ниту пак се придржуваа до моралните норми содржани во него. Неретко се сеќавав на онаа реченица на Махатма Ганди: „Ми се допаѓа вашиот Исус, но не и христијаните. Вашите христијани воопшто не наликуваат на вашиот Исус“. Во изминатите 35 години пропаднаа сите морално и идеолошки вредности, но верските празници ги полнат црквите.
Велигден (заедно со Божиќ и Рамазан) е подигнат на ниво на државен празник (што во пракса значи неработен ден и можност да се замине во Грција на морскиот брег или подалеку на мал одмор; секако, за оние кои можат тоа да го платат). Оваа година, како што е познато, празникот го славеа во ист датум и верниците од католичката и од православната вероисповед. Верувам дека еден настан кој ќе ја одбележи прославата во оваа 2025 година е симболичкото и фактичко заминување на најпопуларниот Папа и поглавар на Римокатоличката црква. Иако не сум верник, веќе ми недостасува неговата мекост, но и храброст. Во неговиот мандат се случија многу настани, многу појави станаа повидливи и позагрижувачки од кога било порано. За разлика (особено) од неговиот претходник, тој не им робуваше на догмите. Беше скромен, сочувствуваше со најсиромашните и најмаргинализираните, дури и без оглед на нивната верска припадност. Тој навистина наликуваше на Човекољубецот. Преземајќи го името на светецот Франсиско од Асиси, тој го прифати и неговото мото: „Оди, обнови го мојот дом“. Се плашам дека во еден ваков темен момент за човештвото, со војни и геноцид за кој сè помалку луѓе се вознемируваат, тешко е да се каже дали ја доврши својата мисија. Тоа ќе го покаже изборот на неговиот наследник.
Ако во моето општество (во кое едвај и да има 5 отсто лица кои не се верници) мнозинството е подготвено да ме линчува само и ако изустам дека сум атеист, на само два месеци по неговиот избор, Папата Франциско рече дека христијаните треба да гледаат на атеистите како на добри луѓе ако тие чинат добро. Исто така, велеше и дека е подобро да си атеист отколку лицемерен католик. Во 2017 година додаде дека овие луѓе исто така треба да си кажат себе си: „мојот живот не е христијански, не им плаќам соодветни плати на моите вработени, ги експлоатирам луѓето, правам валкани бизниси, перам пари, водам двоен живот“. Тој знаеше каде лежи злото, и во црквата и надвор од неа.
Мојата лаичка перцепција за овој човек е дека стоеше на вистинската страна и кога стануваше збор за сиромашните, за капитализмот и експлоатацијата на неразвиените нации, бараше емпатија за мигрантите и бегалците. Но, најмногу од се’ беше храбар да застане на страната на мирот и тогаш кога мировните движења почнаа да веруваат дека Украина треба да победи во невозможната мисија на судирот со Русија. Тој беше меѓу првите кои проговорија за мировно решение, тогаш кога беше популарно сите да се китат со знамињата на украинското знаме. Пред неколку месеци на една онлајн средба со млади Украинци и други, тој ја испрати пораката: „Бидете патриоти, одбијте ја војната, простете“. Тоа во западната политика беше ерес, и сè уште е ерес во Европа.
Трагедијата на тековниот геноцид врз Палестинците во Газа остана во неговиот ум и срце до последниот здив. На последните божиќни празници, Папата ја инугурираше сцената на Христовото раѓање прикажувајќи ја преку бебето Исус завиено во палестинска кефија. Знаете ли што значеше тој чин??? За носење кефија денес се губи работа, се бива депортиран, се прогонува. Можете да се згрозите ако некој подигне рака да салутира во нацистички стил, но не смеете да зборувате за актуелен геноцид! До толку сме забегале како човештво. И во последното послание за Велигден, Urbi et Orbi, нај-кул Папата во историјата повторно не ги заборави најголемите страдалници на веков.
Како атеист, левичар и првенствено како човек, изразувам најискрено жалење за оваа загуба. Прашањето дали Папата Франциско беше „левичар“ е опсолетно, бесмислено. Тој не беше идеолошки лидер, ниту имаше политичка агенда. Неговата мисија беше да постапува согласно доктринарните учења на црквата којашто ја предводеше, но и да остане човек кој нема да биде заведен од сјајот на моќта и позицијата. Ако треба да изберам некој кој најблиску го практикувал учењето на Исус – тогаш тоа е тој. Верувам дека ако Ганди беше жив и нему ќе му се допаднеше овој христијанин. Тоа што го правеше и зборуваше наспроти меинстримот не треба да се потцени. Тоа не беше ни малку лесен крст на плеќите да се носи во 21 (темен) век. Сега останува да чекаме што и кого ќе донесе белиот дим од Ватикан. Не затоа што од папската позиција можете да го смените светот, но можете да го опипате пулсот на дел на човештвото.