Според информации на неделникот „Фокус“, Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи утринава спроведува голема полициска операција насочена кон сузбивање на организиран криминал и корупција во здравствениот систем во повеќе градови низ државата.
Неофицијално, акцијата се однесува на разоткривање на мрежа од над 50 лица, меѓу кои доктори, адвокати, член на комисија при Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), управител на консултантско биро и вешто лице. Тие, наводно, учествувале во долготрајно незаконско прикажување на лажни дијагнози со цел граѓани да добијат право на финансиска помош за туѓа нега, како и на инвалидски пензии.
Според сознанијата, предмет на истрага се и одредени здравствени установи каде биле вршени претреси – меѓу нив се Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, Клиничката болница во Тетово, како и Општата болница во Велес. Акцијата опфаќа и адвокатски канцеларии и приватни ординации, каде се сомнева дека се издавани фиктивни медицински наоди.
Полициските тимови дејствуваат координирано, а засега нема официјални информации од МВР или од Обвинителството. Се очекува институциите да излезат со повеќе детали во текот на денот, откако ќе заврши првата фаза од оперативните активности.
Оваа акција доаѓа во контекст на зголемена јавна загриженост за состојбите во здравствениот систем, кој честопати е посочуван како едно од жариштата на коруптивни практики во земјава. Доколку се потврдат сомнежите, се очекуваат и кривични постапки против вклучените лица.

