Сведочи обвинетиот за убиствата што ја потресоа Македонија – Палевски се брани со теории на заговор

Судењето за бруталното двојно убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски продолжува денеска во Основниот кривичен суд во Скопје, со сведочење на главнообвинетиот Љупчо Палевски. Тој е последниот кој сведочи во процесот, откако претходно беа сослушани останатите обвинети, сведоци на Обвинителството, како и таткото на Вања.

Претходното рочиште беше одложено поради отсуство на адвокатот Јовица Страшевски, кој преку медицинска документација побара одложување. Судијата Ивица Стефановски тогаш истакна дека е ова прво барање за одлагање од овој бранител, но предупреди дека при евентуално повторување ќе биде назначен адвокат по службена должност.

Во своето сведочење, Палевски категорично ги негираше обвинувањата и одговорноста за убиствата. Тој изјави дека е цел на „морален атентат“, кој, како што тврди, е организиран од политички и медиумски структури во земјата. Случајот го поврза со неговата политичка активност и ангажманот за организирање референдум во врска со прашањето за Бугарија, како и со неговите обвинувања за корупција и перење пари.

Според обвинителниот акт, Палевски и уште четворица обвинети – Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски – се товарат дека заеднички го испланирале киднапирањето на Вања, со цел да изнудат откуп од нејзиното семејство. Обвинението посочува и дека Панче Жежовски бил грабнат во Велес, за да го принудат да им го даде своето возило „Цитроен“, со кое планирале да го реализираат грабнувањето на девојчето во Скопје.

Велибор Манев во своето сведочење го означи Палевски како главен организатор, додека Видевски го негираше своето учество, а Кешишев тврди дека немал директно знаење за настаните и најчесто му била доделена задача да чува стража.

Телата на малолетната Вања и на велешанецот Панче беа пронајдени на 3 декември 2023 година, по неколкудневна потрага, откако беа пријавени за исчезнати на 24 и 27 ноември.

Процесот се наоѓа во завршна фаза, а јавноста внимателно го следи исходот од едно од најтрагичните и најшокантни злосторства во поновата историја на земјата.