(Видео) Левица Ѓорче Петров: Инаетот асфалт не става – Стојкоски и Арсовска во кавга, улицата Волковска во дупка
Граѓаните на Ѓорче Петров и понатаму секојдневно се движат по дупки, кал и опасен терен на улицата Волковска – ветената, но заборавена реконструкција од страна на локалната власт. Иако токму оваа улица беше едно од главните предизборни ветувања на градоначалникот Александар Стојкоски и ВМРО-ДПМНЕ, денес таа претставува симбол не на развој, туку на распаднат систем, неисполнети ветувања и политички инает.
Во реакција објавена од Левица – Ѓорче Петров, остро се критикуваат односите меѓу градоначалникот Стојкоски, градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и институциите, кои, како што се наведува, ја кочат неопходната реконструкција на Волковска. Наместо соработка и решавање на проблемот, јавноста добива уште едно разочарување: улица која е оставена во хаос, со раскопани површини, небезбедна за возење и опасна по животот на граѓаните.
Од Левица истакнуваат дека „граѓаните не треба да ги засегаат политичките кавги, раскинатите соработки и алиби-изговорите“. Ниту пак дали Данела Арсовска веќе не е „по мерак“ на ДПМНЕ.
„Локалната власт има обврска да работи во интерес на граѓаните, а не да го користи народот како монета за поткусурување во нивните политички пресметки“, стои во нивната реакција.
Според нивните информации, Градот Скопје е подготвен да ја отпочне реконструкцијата, но Министерството за внатрешни работи не издава дозвола за времен режим на сообраќај, што го блокира целиот процес. Од Левица апелираат до сите инволвирани – Арсовска, Стојкоски, МВР и министерот Панче Тошковски – да го остават инаетот и партиските калкулации, и конечно да го решат проблемот кој директно ги погодува граѓаните.
„Доста беше партиски инает! Волковска не е ничија приватна пречка, туку јавна болка. Улицата мора да се реконструира веднаш и без политички условувања“, порачуваат од Левица – Ѓорче Петров.
Додека институциите си ја префрлаат одговорноста, жителите остануваат заглавени во секојдневен ризик. Улицата Волковска е тест за капацитетот на власта – и засега, тој тест е паднат.