АктуелноЛокално

Левица Кочани: Партиски театар над пепелта на трагедијата – Кочани не заслужува ваков срам

Денешната седница на Советот на Општина Кочани, свикана поради избор на в.д. градоначалник по трагедијата во дискотеката „Пулс“, уште еднаш ја разоткри суровата реалност – за партиите СДС и ВМРО-ДПМНЕ нема свети теми, нема сочувство, нема етика, има само борба за фотелји.

И додека јавноста очекуваше достоинствено однесување и обединување за излез од институционалната и морална криза во која се наоѓа градот, сведочевме на нова епизода од партискиот пазар со Кочани како заложник.

СДС, со лицемерна реторика за „натпартиски кандидат“, всушност ја туркаше својата политичка игра преку советник кој без искуство и кредибилитет, токму денес го започнува својот стаж – и тоа како в.д. градоначалник. Таква злоупотреба на институциите и подценување на граѓаните не може да биде премолчана.

Од другата страна, ВМРО-ДПМНЕ, неспособна да обезбеди поддршка ни во сопствените редови, настапи со кандидат кој беше отфрлен дури и од сопартијците, а потоа избра да се крие зад процедурите.

И едните и другите докажаа дека трагедијата не им е доволна да запрат со своите игри. Додека Кочани жали, тие делат функции. Додека граѓаните бараат правда, тие калкулираат со дневна политика.

Советничката на Левица – Кочани, со целосна свест за тежината на моментот и одговорноста пред граѓаните, апстинираше од гласањето – одбивајќи да поддржи и отворен партиски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, и прикриен кандидат на СДС, со што јасно укажа дека:

  • Нема да учествуваме во политички пазар во сенка на трагедија;
  • Нема да поддржиме кандидати без легитимитет и јавна доверба;
  • Нема да соработуваме со партии чиј модел на владеење доведе до оваа катастрофа.

Кочани заслужува чесно и транспарентно водење, не комбинации на сенка. Нема да дозволиме тие што го доведоа градот до ова дереџе – сега да ја диктираат и „обновата“.

Целото соопштение на Локалниот огранок на Левица од Кочани во продолжение:

Z P

Zvezdanka Pesikj