АктуелноИнтернационално

Тодоровски: „Каубојот Трамп трепна – шахистот Си излезе победник во царинскиот дуел“

Администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп доживеа неуспех во трговската војна со Кина, оценува аналитичарот Дарко Тодоровски во своја објава на социјалните мрежи. Тој го нарекува исходот на тарифниот конфликт „срамно фијаско“ за САД и „тивка победа“ за Пекинг.

Според Тодоровски, САД се принудени да ги изземат клучните технолошки производи – паметни телефони, компјутери, телевизори, микроелектроника и бела техника – од наметнатите царини на кинескиот увоз. Со тоа, практично 60% од извозот на технолошки производи со висока маржа од Кина кон САД е ослободен од давачки.

„Каубојот Трамп трепна и го загуби дуелот против шахистот Си“, напиша Тодоровски, алудирајќи на контрастот меѓу агресивниот пристап на Трамп и стратешкиот, тивок одговор на кинескиот претседател Си Џинпинг.

Одлуката на Вашингтон, според објаснувањата, е донесена за да се заштитат американските потрошувачи од „шокантно зголемување на цените“. Истовремено, таа оди во прилог на технолошките гиганти како „Apple“ и „Samsung“, чии производствени ланци се длабоко поврзани со кинескиот пазар.

Тодоровски поставува критички прашања за компетентноста на американската администрација:

„Дали навистина Трамп и сите негови советници не знаеја за структурата на трговијата со Кина? Зошто американските бизнис лидери не му дадоа навестувања и совети? Или му дадоа, а Трамп не ги послуша?“

Со ова, тој ја доведува во прашање и интелектуалната зрелост на американското раководство, тврдејќи дека од почетокот било јасно дека тарифната офанзива ќе заврши со неуспех.

„Специјалната тарифна операција на Трамп против Кина целосно пропадна. Целосно“, заклучува Тодоровски.

Царинскиот судир меѓу двете најголеми светски економии во изминативе години доведе до нестабилност на глобалните пазари и зголемени трошоци за потрошувачите и компаниите од двете страни. Но, со последниот потег на Вашингтон, очигледно е дека Трамп мораше да попушти – барем кога станува збор за технологијата.