Пешиќ: „Владата пресмета кошничка за три души – останатите нека ги чуваат министрите“
Со жестока критика кон најновата пресметка на потрошувачката кошничка од страна на Владата, активистката Звезданка Пешиќ реагираше преку социјалните мрежи, обвинувајќи ја власта за игнорирање на реалноста во која живее мнозинството граѓани.
Пешиќ саркастично забележува дека Владата подготвила потрошувачка кошничка само за тричлено семејство, игнорирајќи го фактот дека илјадници семејства во земјата имаат четири, пет или повеќе членови.
„Си пресметавте само тројца, епа земете си ги останатите – ваши се!“, напиша Пешиќ, истакнувајќи дека членовите кои „не влегуваат во формулата“ можеби треба да им бидат предадени на министрите – „тие и онака земаат плата како за 20-члено семејство“.
Во објавата, Пешиќ директно ја обвинува Владата дека преку бројки и табели ја шминка сиромаштијата, прикажувајќи ја реалната беда како „прифатлив стандард“. Таа додава дека со неколку формули, од несигурната егзистенција се создава илузија на „национална издржливост“, при што граѓаните се претвораат во „статистички херои“.
„Ако си самохрана мајка со три деца – извини, не си во равенката. Ако сте четиричлено семејство – премногу трошите. Ако сте петчлено – ве молиме исклучете две деца од системот“, пишува Пешиќ, посочувајќи на апсурдот на владините методологии.
Критиката доаѓа во време кога јавноста сè почесто поставува прашања за реалната вредност на платите, куповната моќ и (не)постоењето на ефективни мерки за справување со сиромаштијата.
„Владата не ја подигнува минималната плата, ама затоа ја намалува потрошувачката кошничка. Не ја зголемува куповната моќ, ама зголемува пропагандата“, заклучува Пешиќ, со јасна порака – дека манипулациите со бројки не можат да ја сокријат реалноста во која живее народот.
Нејзината целосна објава на Фејсбук на овој ЛИНК