АктуелноЛокално

Голема поддршка од Македонците за Стерјовски на митингот на Социјалистичката партија во Тирана

На денешниот прв изборен митинг на Социјалистичката партија на Албанија, кој се одржа на плоштадот „Скендербег“ во Тирана, забележливо беше присуството на голем број Македонци од различни делови на земјата. Настанот претставуваше и поддршка за Васил Стерјовски – единствениот кандидат од македонската заедница во трката за место во албанскиот парламент.

Членови и симпатизери на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), која настапува во коалиција со Социјалистичката партија на премиерот Еди Рама, дојдоа од Тирана, Голо Брдо, Мала Преспа и други региони за да дадат поддршка на Стерјовски.

„Дојдовме да го поддржиме нашиот Васил, затоа што е златно дете кое достоинствено не претставува и силно се бори за правата на Македонците“, изјави Вељо од Голо Брдо, кој заедно со својот пријател Фадил учествуваше на митингот.

Жителите од Пустец и поширокиот регион на Корча беа повикани да го поддржат Стерјовски, со порака дека македонската заедница мора да биде обединета ако сака да ги оствари своите легитимни права.

„Без поделби, само обединети можеме да напредуваме. Гласот мора да оди за Васил“, порача жител на Пустец кој присуствуваше на митингот.

Стерјовски, заедно со останатите кандидати од изборната единица Корча и политичкиот координатор Нико Пелеши, им се обрати на присутните со порака: „Со труд, визија и посветеност – чекор по чекор – заедно ја градиме иднината. Гласај со срце, избери со разум.“

Како прв Македонец кој јавно се изјаснил за своето потекло во албанскиот парламент, Стерјовски во претходниот мандат спроведе повеќе проекти за подобрување на условите за живот на Македонците во Албанија. Тој останува запаметен и по тоа што за првпат се слушна македонски јазик во собраниската сала во Тирана, кога одржа говор на својот мајчин јазик.