АктуелноЛокално

(Видео) ССМ: Штрајкот за 1 Мај останува – Работниците бараат покачување на платата додека пак Владата тактизира

И покрај обидите на Владата да прикаже отвореност кон зголемување на платите, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) останува на ставот дека најавениот штрајк за 1 Мај ќе се одржи. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, ја обвини извршната власт дека не презема конкретни чекори за да ги подобри условите за работниците, туку, како што рече, „тактизира и ја префрла одговорноста кон синдикатите“.

„Работниците во Македонија немаат толку голем проблем со Владата, колку што имаат со останатите синдикати“, изјави Трендафилов, но сепак укажа дека Владата се дистанцира од јасни обврски, дозволувајќи синдикалниот простор да стане место на меѓусебни обвинувања наместо решенија.

ССМ бара зголемување на минималната плата на 30.000 денари, раст на останатите плати и доследно почитување на општиот колективен договор во јавниот сектор. Дополнително, синдикатот инсистира на 12,6% зголемување на платите во јавниот сектор и 30% додаток за дел од администрацијата – барања за кои, според ССМ, Владата дава нејасни одговори.

„Владата тврди дека не е против зголемување на платите, но конкретни одлуки нема. Наместо тоа, гледаме обиди за разводнување на обврските и пасивност“, истакна Трендафилов.

Критики до ССМ пристигнаа од претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), Благоја Ралповски, кој ги нарече нивните барања „популизам“ и смета дека ваквото зголемување на минималната плата ќе опфати само мал дел од работниците. Но, и покрај несогласувањата меѓу синдикатите, ССМ останува на ставот дека борбата за достоинствени плати мора да продолжи.

„Состојбата во јавниот сектор е алармантна. Работниците се жртва на бирократски калкулации и синдикални пресметки, додека Владата се крие зад зборови наместо да донесе решенија. Затоа штрајкот за 1 Мај останува“, додаде Трендафилов.

Иако Владата на зборови се залага за дијалог, досегашниот пристап покажува сериозен недостаток на политичка волја да се спроведат суштински реформи и да се исполнат ветувањата кон работниците.

Останува да се види дали до 1 Мај ќе има конкретен напредок или ќе се потврди старото правило – кога се ближи изборна година, платите растат само во ветувањата.

Целосното видео од прес конференцијата на Трендафилов од ССМ може да го видите подолу: