Реакција од „Бабам Битола“: Еден РЕК не можете да го средите, а сакате депонија од 18 општини!
Фејсбук страницата „Бабам Битола“ остро реагираше на најавата на градоначалникот на Новаци, кој изјави дека со помош на експерти ќе го убедува локалното население дека изградбата на регионалната депонија ќе биде од корист за целиот регион.
Граѓаните изразуваат незадоволство од ваквите планови, особено поради фактот што Општина Новаци, како што тврдат, не успева да го реши ниту проблемот со РЕК Битола. Според нив, иако општината има обврска и добива средства за пошумување и создавање зелени појаси околу РЕК, тие обврски не се исполнуваат.
„Ете селоначалникот од Добромири кој победи на избори со 1300 гласа ќе ни крои судбини на сите, дури со експерти, ама не му се кажува дека не сме ниту Јапонија, ниту Швајцарија, ами Северна Депонија. Општина Новаци има обврска и зема средства за пошумување и зелени појаси околу РЕК, но тоа не го прават. Еден РЕК не можете да го средите со пепел, со чад без филтри, а уште ѓубре ни фали од 18 општини плус. Жити сите љубовници аман!“, стои во објавата на „Бабам Битола“.
Оваа реакција е дел од пошироката загриженост на граѓаните од регионот за влијанието што депонијата би го имала врз животната средина и квалитетот на животот во Битола и околните населени места. Останува да се види дали локалните власти ќе ги земат предвид овие реакции и ќе го преиспитаат својот план.