- Синдикатот на Културата на Република Македонија (СКРМ) укажува на сериозната неизвесност со која повторно се соочуваат вработените во културата во врска со почитувањето на нивните работнички права.
„Откако е потпишан Колективниот договор за култура во Република Македонија, секое поместување на минималната плата во месец март за вработените во културата претставува неизвесност дали ќе се почитуваат нивните права. Членот 65 од КД за култура значи усогласување на платата согласно растот на минималната плата. Дополнително, на вработените во културата веќе две години им се спорат и 10% кои им следуваат со Општиот Колективен договор за јавен сектор. Изговорите се секогаш тенденциозни, неповрзани со правото и лична желба на поединци.
Очекувајќи дека со промената на политичката ситуација во Република Македонија, кога претходно секој март беше неизвесен, условите и работите ќе се променат и вработените во културата конечно ќе здивнат, повторно и овој март сме соочени со неизвесност. Институциите од културата сè уште чекаат насоки од Министерството за култура, што е неразбирливо за нас како Синдикат имајќи ги предвид нивните ингеренции и одговорност согласно Закон. Имаме сознанија дека во две институции веќе се добиени насоки каде не се почитуваат колективните договори и следствено, добиената пресметка би била пониска за 1,5% од исплатената плата за февруари месец.
По тој повод, Синдикатот на Културата на Република Македонија бара од директорите на институциите да ги почитуваат законите во Република Македонија и да ги спроведуваат одредбите од колективните договори.
Министерството за култура како ресорно министерство за сите вработени во културата и социјален партнер на Синдикатот мора да застане зад вработените во културата во остварување на нивните права од работен однос.
СКРМ денес испрати допис до сите институции од културата кој го објавуваме во прилог.“- соопштија денес од СКРМ.
Ги повикуваме сите засегнати страни на итно почитување на законските одредби и договорите со цел да се заштитат работничките права и достоинството на вработените во културата. Достоинственото вреднување на трудот во културата е предуслов за развој на општеството и зачувување на националниот културен идентитет.


