Левица: Директорката на испекторат за животна средина Ивана Гиновсака свесно го криела екоцидот во Крива Паланка
- Државните институции повторно во служба на загадувачите, а не на граѓаните!
Додека Крива Река се претвора во отровна кал, надлежните институции се впуштаат во игри на манипулација и прикривање. На чело на овој скандал стои директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, кадар на ЗНАМ, која свесно криела клучни информации за овој еколошки масакр.
Наместо аларм, добивме манипулација – Инспекторатот тврдеше дека нема излевање на јаловина, дека водата е само механички заматена. Но, независните анализи го разоткрија ова злосторство и сомнежите на граѓаните се покажаа како точни: водата во Крива Река има 10 пати поголема концентрација на олово од дозволеното и за неколку стотици пати повеќе цијанид, фосфор, азот и други тешки метали!
Овој случај е уште еден показател за системскиот колапс во управувањето со животната средина и за неспособноста на владејачките структури да ги заштитат основните права на граѓаните на здрава животна средина. Наместо да се преземат конкретни мерки за спречување на вакви инциденти, сведоци сме на континуирано негирање, прикривање и неказнивост на одговорните.
Симптоматично е и тоа што концесионерите веќе претходно биле казнети за сличен ваков пропуст со парична казна од 90.000 евра, но нивната работа непречено продолжува! И очигледно е дека фирма која генерира 15 милиони евра профит, не ја допира ниту една парична казна.
Поради горенаведеното, Левица бара:
Итна оставка од директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска.
Преземање на соодветна одговорност од сите инволвирани во овој скандал.
Законски измени каде повторување на ваков прекршок доведува до трајно одземање на концесијата.
Ако институциите не ги заштитуваат граѓаните и животната средина, тогаш време е граѓаните да се заштитат од неспособните институции!