Советниците на Левица на општина Аеродром дадоа заклетва која е во согласност со законот за локална самоуправа каде експлицитно сѐ уште пишува Република Македонија – Барањето на МНР отфрлено како неосновано

„Советниците на Левица и останатите партии во советот на општина Аеродром дадоа заклетва која е во согласност со Законот за локална самоуправа каде експлицитно сѐ уште пишува Република Македонија.

Барањето од МНР го гледаме како повик до советниците да го прекршат Законот за локална самоуправа и со индигнација го отфрламе како неосновано и во најмала рака трагикомично.

До министерството за надворешни работи попознато помеѓу народот, како министерство за надворешна трговија и шверц водено од Бујар Османи поставуваме неколку прашања:

01. До каде е истрагата со шверцување акцизна стока во Италија преку дипломатска пошта и дали некој ќе сноси одговорност?
02. До каде е истрагата за доделување дипломатски пасоши на нарко дилери од целиот свет?
03. До каде е истрагата за луѓето од ДУИ вработени во кабинетот на министерот кои дозвиле влез во системот на МНР на странски дипломати за што државата сноси несогледливи штети врз дипломатските односи со две членки на Советот за безбедност при ООН?
04. До каде е истрагата за учество на наши дипломати во бегството на странски државјани од правдата во трети држави?” – стои во соопштението на Левица – Аеродром.