„Среќата во светот на сенките: Платон и стоиците“ – предавање на д-р Виктор Илиевски во ТРИ
Предавањето од философски и книжевен карактер „Среќата во светот на сенките: Платон и стоиците“ ќе се одржи денес (20 февруари), во книжарницата ТРИ (ГТЦ) од 19 часот, од философот д-р Виктор Илиевски.
Со предавањето на Илиевски се продолжува серијалот книжевни настани „Средби меѓу книгите“ што веќе цела зима ги грее срцата на читателите. Вечерашното предавање ќе биде посветено на паралелите помеѓу изучувањата на Платон и стоицизмот, кои тој ги поврзува преку концептот на среќата во светот на сенките.
Виктор Илиевски е постдокторски истражувач по античка филозофија на Универзитетот во Виена. Негов посебен интерес се платоничарската метафизика, космологијата и теологијата.
Од ТРИ ве покануваат заедно да го отплеткаме јазолот и да се наполниме со мудри мисли и греано вино. „Празниот сад испушта најсилен звук“, рекол еднаш Платон, па затоа нема да се чујат ниту празни зборови ниту чашите ќе останат празни.
Настанот е од отворен карактер и секој е добредојден.