АктуелноЛокално

Апасиев: Уставниот суд е слуга на олигархијата, го поништи најдобриот закон

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, денеска остро го критикуваше Уставниот суд по неговата одлука да го поништи Законот за солидарен данок, кој беше донесен за време на минатата власт. Според Апасиев, оваа одлука е спротивна на темелните принципи на Уставот и претставува сериозен удар врз концептот на „социјална држава“.

Законот за солидарен данок беше усвоен како одговор на рекордните профити на некои од најголемите компании за време на ковид-кризата. Давачката требаше да ги натера овие компании да придонесат кон ублажувањето на општествените и економските тешкотии предизвикани од пандемијата. Апасиев вели дека оваа одлука на Уставниот суд ја потврдува неговата теза дека „судот нема правна експертиза“ и дека тој е „слуга на олигархијата“ и на најбогатите, кои се спротивставуваат на напорите за воспоставување фер економски принципи.

„Уставниот суд, на веќе пресудена работа, спротивно на темелните вредности на Уставот, го укина единствениот добар закон донесен од минатата власт, а тоа е ДАНОКОТ НА СОЛИДАРНОСТ (со кој се даночеа екстрапрофитите на најбогатите компании кои не испокрадоа за време на Ковид кризата)! Со тоа, Уставниот суд (кој, патем речено, пресуди дека е уставно работниците да работат 72, наместо 40 часа неделно) по којзнае кој пат докажа дека нема никаква правна експертиза и е обичен СЛУГА НА ОЛИГАРХИЈАТА и на богатите, а против концептот на “социјална држава”, пишува Апасиев во коментарот.

Тој додава дека Левица планира да предложи нов Закон за уставни судии, кој ќе ги утврди јасни критериуми и дефиниции за тоа што значи „истакнат правник“. Ова ќе обезбеди поголема транспарентност и одговорност на членовите на Уставниот суд, чии одлуки, според него, директно влијаат на благосостојбата на целото општество.