III Годишна конференција на Црвена Младина
Во саботата се одржа Третата годишна конференција на Црвена Младина со присуство на претседателот на Левица, проф. д-р Димитар Апасиев, гости од младински организации од Србија и Хрватска, останати членови на Президиумот на Левица и многу млади членови на Левица каде што имаа можност да слушнат инспиративни пораки што служат како постојан поттик во нашата борба, но и плодни идеолошки дискусии кои ни служат како водилка.
Првиот дел на конференцијата започна со панел дискусија на тема: “Предизвиците со кои се соочуваат младите во капитализмот”. Активно учество во панел дискусијата имаа Милош Каравезиќ – претставник од СКОЈ – Србија, Марко Мариниќ од Млади социјалисти на Хрватска како и Давор Ѓурчиновски, организационен секретар на Црвена Младина.
Во вториот дел на конференцијата се читаше социјална поезија (стихови од Рацин, од збирката поезија ,,Бели мугри”).
Портпаролката на Црвена младина, Милица Давчева го изведе нејзиниот говор кој воедно е еден од победничкитите говори од ораторската вечер ,,Иво Пухан” на тема ,,Македонскиот работник”. Моќниот говор го збогатуваа цитирани стихови од песната ,,Денови” од Рацин. Таа покажа дека работникот врз кого паѓа товарот на продуктивноста и во времето на Рацин, и денес ќе го урне светот на неправди со кои се соочува секојдневно.
Обраќање имаше и раководителот на Црвена младина, Петар Здравевски кој искажа голема благодарност за секој млад човек кој се бори за подобро утре, за секој протест каде што на барикадите се само млади луѓе и за секоја досега спроведена акција и донација.
Здравевски порача дека ова е само почеток и дека нашите цели се многу поголеми од нас. Нашата задача во периодот кој претстои е да ги направиме Левица и Црвена Младина втора најголема политичка сила во Македонија. На Локалните избори, во советите ќе имаме членови најмногу од редовите на Црвена Младина. Оваа борба ја носи нашата генерација и ние ќе се потрудиме нашата акција да биде поттик и пример и за секоја наредна генерација.
Говор на конфернцијата имаше и претседателот на Левица проф. д-р Димитар Апасиев кој ги повика сите млади да бидат дел од најавангардното и најавтентичното движење во Македонија. Претседателот истакна дека Левица ќе продолжи да биде единствениот глас на младите и единствениот нивен застапник во институциите.
Исто така, беше истакната зголемената меѓународна соработка на Црвена Младина со тоа што имавме гости од сродни младински движења од Србија и Хрватска, но исто така пристигнаа и бројни честитки од нашите интернационални пријатели од Италија, Ирска, Америка и Перу.
Црвена Младина е единствениот политички подмладок кој има раст во Македонија, кој автентично ги артикулира проблемите на младите и се бори за институционална промена. Преку Црвена Младина, на младите повторно им станува својствено, природно и потребно да се политички активни.
Ние не ја чекаме револуцијата, ние ја создаваме!
Дојди и стани дел од движењето што ја создава иднината, соопштија од подмалдокот на Левица.