Поезијата како мост меѓу традицијата и современоста – интервју со Андреј Ал-Асади
Андреј Ал-Асади, добитник на наградата „Григор Прличев“ за 2024 година за поемата „Никогаш пред ил’ потем“, претставува еден од најистакнатите современи гласови на македонската поетска сцена. Роден во Лондон, а образован во Македонија, тој носи уникатна перспектива што ги спојува истокот и западот, традицијата и модерното. Автор на четири стихозбирки и добитник на повеќе престижни книжевни награди, неговото творештво е преведено на повеќе јазици и препознаено на меѓународни поетски фестивали. Во ова интервју, разговараме за неговата најнова награда, инспирацијата зад делото, и улогата на поезијата денес.
Антропол: Поемата „Никогаш пред ил’ потем“ едногласно беше избрана за најдобра поема во рамки на
наградата „Григор Прличев“. Како ја доживувате оваа награда и нејзиното значење за Вашата
кариера и македонската книжевна сцена?
А.А: Наградата „Григор Прличев“ има посебно значење и тежина за мене. Најпрво, таа го носи името на неодминливиот и ненадминливиот мајстор на стихот и сонце на македонското книжевно небо – Григор Прличев. Второ, од гледна точка на нејзиното значење за мојата кариера и сцената воопшто, оваа награда претставува храбар скок во друштвото на најискусните и најпрепознатливите македонски писатели и поети, а исто така, таа претставува афирмација и поттик за младите поети кои со исклучителна љубов и посветеност истражуваат и творат на македонски јазик.
Антропол: Комисијата ја истакна оригиналноста и лирската сила на Вашето дело. Како го постигнувате балансот помеѓу современиот стил и традиционалните книжевни вредности?
А.А: Балансот се постигнува навистина брзо и лесно. Доволно е само искрено да се задлабочиме во нашата, а и светската книжевна традиција, за да ја сфатиме актуелноста на истите суштински книжевни вредности од првиот запишан стих, па се до денес. Таа рамнотежа е лесна за изведување, но и многу опасна за поети како мене, кои пишуваат за предизвиците и борбата внатре во секоја личност, како и справувањето со предизвиците во околината во која што живееме и твориме. Накрај, секако дека треба да имаме увид и огромно искуство во голем број на дела и автори за да ја оствариме таа рамнотежа која ќе ја задржи примамливоста за современиот читател, почитувајќи ги каноните на традиционалната книжевност.
Антропол: Како ова искуство влијае врз Вашето творештво и неговата рецепција кај домашната и странската публика?
А.А: Секој нов настан, средба или искуство остава траги врз нас, а посебно врз поетите, кои се луѓе со висок праг на чувствителност. Моето творештво (и поетско и прозно) е пронижано од средби, муабети и настани. Од друга страна, пак, учествата на фестивали и преводите на странски јазици успешно влијаат врз афирмацијата на македонските поети и во самата Македонија, каде што, за жал, гледаме дека полека гасне читателската љубопитност и култура. Сигурен сум дека фестивалите на кои што сум учествувал, како и наградата „Григор Прличев“ и сите слични активности претставуваат значајно поместување во начинот на повторното оживување на македонската читателска свест, а посебно кога се работи за млади писатели и поети кои лесно можат да допрат до и да ги инспирираат новите генерации.
Антропол: Вашите дела се инспирирани од различни културни контексти и лични искуства. Како го наоѓате гласот што ја поврзува индивидуалната емотивност со универзалните теми во Вашата поезија?
А.А: Сите универзални и надвременски теми се поврзани со борбата во и надвор од личноста. Тоа го велат сите – од пророците до народните херои. Кога поетот ќе успее да го најде својот глас, сите културни и социјални контексти, лични искуства и книжевни традиции стануваат само инструменти низ кои тој глас јасно се манифестира.
Антропол: Каде ја гледате иднината на македонската поезија, особено во контекст на глобалните трендови, и каква е Вашата улога во афирмацијата на македонските поети на меѓународната сцена?
А.А: Што се однесува до иднината на македонската поезија, единствениот начин да си ја обезбедиме таа иднина, а целосно да не се асимилираме на светската книжевна сцена, е да нурнеме што подлабоко во традицијата и оттаму да ги извадиме бисерите на македонската чувственост, досетливост и сеопфатност. Да ги почитуваме и внимателно да ги истражуваме и туѓите книжевни традиции, но, не до степен на кој ќе се втопиме во нив. Во време на големи турбуленции на глобално ниво, кога сведочиме наметнувања, пристрасност и цензура, најдобар начин да истраеме е да се држиме за тоа што е наше, додека изнаоѓаме заедничка и одржлива стратегија како тоа да го претставиме пред светот. Мислам дека тоа е единствениот начин.