АктуелноИнтернационалноЛокално

Црвена Младина оствари средба со амбасадорите на Палестина, Венецуела и Куба во Белград

  • Соопштение на Црвена Младина

По повод Денот на Републиката и Меѓународниот ден на солидарност со палестинскиот народ, на 28 ноември 2024 година, Црвена Младина присуствуваше на солидарен настан кој се одржа во културниот центар на Бежанија, Нови Белград. Настанот беше организиран од нашите братски организации – СКОЈ и НКПЈ – и беше прославен во духот на револуционерната солидарност со народите на Палестина, Куба и Венецуела, кои храбро се борат против агресивните политики на западниот империјализам.

На настанот присуствуваа членови на СКОЈ, НКПЈ и КПЈ, како и амбасадорите на Палестина, Куба и Венецуела. Говорите на амбасадорите ги опфатија тековните предизвици со кои се соочуваат овие народи: грозоморниот геноцид во Газа, ембаргото и блокадата на Куба, како и храбрите напори на Венецуела да ги зачува своите револуционерни идеали. Настанот заврши со моќна порака од амбасадорката на Венецуела: „Колку повеќе сте агресивни со нас, толку повеќе ќе бидеме револуционерни.“

Црвена Младина, исто така, оствари директни контакти со амбасадорите на Палестина и Венецуела. Во разговорот со амбасадорот на Палестина ја потврдивме нашата поддршка за признавањето на Палестина како независна членка на ООН со право на самоопределување. Амбасадорката на Венецуела, пак, изрази интерес за соработка и најави посета на Македонија, при што ги сподели револуционерните искуства на самодоволните комуни во Венецуела – модел на самоорганизирани заедници кои не зависат од надворешни фактори, а ги произведуваат сите потребни средства за живот.