АктуелноЛокално

Комити: „Од Влада ни кажаа или Миленко ќе биде директор, или ФК Вардар нема да постои“

Навивачката група „Комити“ организираше прес-конференција на која откриваше детали од преговорите за спас на најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар.

Согласно нашата транспарентност од изминативе години сакавме пред јавноста конечно да отворено да ги презентираме сите нешта. Сакавме овде да бидат и новиот Извршен директор и сите од одборот на директори затоа што ова е клуб на народот и како таков сакаме да остане. Но, ете никој од нив не се одважи да биде присутен тука, иако првата интенција беше заедно да одржиме прес-конференција и тоа во просториите на клубот комплетно со цела структура. За да биде Вардар единствен. Немаше храброст и господинот Миленко Неделковски да се појави пред јавноста тука денеска, за да го претставиме и него пред јавноста. Но, ете не доаѓа. А, каква порака остава човек кој треба да биде прв на Вардар а објавува секакви фејсбук-статуси а нема храброст еве да дојде тука и да каже што има за клубот. Дали е тој човек за Вардар? Би било во ред господинот Атила Бижен Жалили, кого се уште не сме го сретнале туку само неговиот претставник, да се појави пред јавноста и да објасни се за плановите во клубот. Но, како и да е, затоа ние сме тука како бранители и искрени поддржувачи на клубот

Истакна Миленковски, веднаш дополнувајќи:

Уште на 10 јуни имавме средба со Владата и ни кажаа дека имаат решение за Вардар, но треба да им ги предадеме акциите. Од таму инсистираа Миленко Неделковски да биде Извршен директор на клубот. Ние не прифативме прво, но на 3 јули бевме принудени да го предадеме клубот и да му пружиме рака на Миленко. Се договоривме 15% од акциите да задржиме за да може да реагираме при евентуален лош тек на нештата. На 6 септеври е склучен договор со инвеститорот Атила Жилали и договорот е заверен на 10 октомври, и на 11 ноември, како што милува да кажува Миленко Неделковски, во 11 часот и 11 минути е одржано Собрание на кое е извршена промена на клубот. Еден извршен член е поставен од Атила Жилали, а тоа е Миленко Неделковски, и три неизвешни членови од нивна страна и еден неизвршен член од наша страна. За неизвршни членови на Одборот на директори на Вардар се избрани Владо Петровски, Александар Кузмановски и Борче Крстоски Илиоски, а за неизвршен член од наша страна е предложен и избран Мартин Гелев“.

На прашањето околу тоа зошто се несогласувањата Миленко Неделковски да го води клубот то кажа:

Ние никогаш не сме кажале дека имаме стереотипи кон одредени личности, затоа што и ние се бориме со стереотипи цело време. Ние кажавме само дека Неделковски не е за тоа место во Вардар. Не е достоен за да биде во Вардар. Ние стоиме зад тоа дека на чело на Вардар треба да биде човек кој не го поларизира општеството и не ги политизира нештата во фудбалот и спортот, туку човек кој обединува. Затоа што на Македонија и Вардар им требаат само обединување

Миленковски го пренесе ставот на „Комитите“:

Но, Владата се појави да помогне, и ни рече дека е силен гарант дека ќе биде се во ред. Претставник на Владата при нашите разговори со инвеститорот и околу иднината на клубот беше господинот Владимир Неловски, и при тие разговори од Владата ни беше кажано дека ‘Или Миленко ќе биде во Вардар, или клубот нема да постои’. И знаевме дека немаме многу силни преговарачки опции и затоа мораше да се согласиме, иако ни беше кажано дека ќе има сосема поинакви структури во клубот од оние што се сега.

Но, тврди дека од „Комити“ не се изиграни, затоа што цело време биле информирани за што ќе се случува во клубот.

Не сме изиграни, членството секогаш било запознаено, нашата мака беше дека не можеме да го издржиме финансиски да го водиме клубот. И токму поради тоа се согласивме на тие некои услови, затоа што даваме шанса на таа опција бидејќи немаме алтернатива. Да, и веруваме на гарантот од Владата, но ние сме секогаш со клубот и таа доверба сигурно нема да трае вечно.