Актуелно

Левица: Со политиките на Мицкоски и Дурмиши Македонија оди кон економски колапс

Претседателот на Владата на ДПМНЕ-ВРЕДИ-ЗНАМ, Христијан Мицкоски, и министерот за економија, Бесар Дурмиши, се директно одговорни за продлабочувањето на економската криза која го погодува македонскиот народ. Граѓаните секојдневно се соочуваат со растечка инфлација, невработеност и незаштитеност. Најголем удар им е зголемувањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите, додека Владата на Мицкоски и министерството предводено од Дурмиши не преземаат ништо конкретно за да го олеснат овој товар.

Со неуспешни мерки и неолиберални политики кои само ги фаворизираат меѓународните финансиски институции и крупниот капитал, Дурмиши и Владата на Мицкоски ја носат државата на раб на економски колапс. Наместо ефективни долгорочни мерки, нè соочуваат со импровизации кои го продлабочуваат проблемот. Неуспехот да се контролира инфлацијата и да се заштитат најранливите категории на граѓани е неприфатлив и мора да се понесе одговорност.

По примерот на својот претходник, Крешник Бектеши, и сегашниот министер Бесар Дурмиши продолжува со проекти кои се објавуваат како големи достигнувања, но реалноста покажува дека:

◾️ индустриското производство опаѓа;

◾️ реалната невработеност расте;

◾️ административните процеси се блокирани од неефикасност и лошо управување;

◾️ државата станува сè позависна од меѓународните финансиски институции, што ја загрозува нашата економска сувереност.

ЛЕВИЦА предлага јасна и конкретна алтернатива која ќе ги заштити интересите на граѓаните и работничката класа. Наместо да се фокусираме на краткорочни мерки кои водат кон дополнително задолжување, ние бараме итна преориентација кон поддршка на домашното производство, инвестиции во обновливи извори на енергија и ЗАШТИТА НА НАЦИОНАЛНИТЕ РЕСУРСИ. Владата мора да почне да се грижи за своите граѓани, а не само за странските корпорации.

Повикуваме на итно преиспитување на сегашната економска политика на Дурмиши и воведување на мерки кои ќе го заштитат животниот стандард на граѓаните и ќе ја обезбедат економската независност на Република Македонија.

ЛЕВИЦА ќе продолжи да се бори против политиките кои ги жртвуваат интересите на народот за сметка на профитите на богатите елити. Македонија мора да има економија која е во служба на работниците, а не само за бенефит на елитата, се вели во соопштението на партијата.