Како криминалните близнаци СДС и ДПМНЕ го уништија Скопскиот саем и го донесоа Ист Гејт
Култниот скопски белег Скопскиот саем веќе не постои. Халите во кои се организираа саеми, музички концерти, беа урнати и завршија на отпад како старо железо. Скопјани може само носталгично да се присетуваат на Скопскиот саем кој со политичка одлука го снема за да се изградат современиот трговски центар и станбен комплекс – „Ист гејт“. Инвестицијата е на веројатно најбогатиот Албанец, Самир Мане. Цената да се изгради трговскиот центар со сомнително тргување и политичко влијание во општинскиот совет на Гази Баба нас граѓаните нѐ чини три милиони евра.
Македонските власти пред две децении ветија дека ќе се изгради деловен центар преку реновирање и проширување на стариот Скопски саем. Беше ветено дека ќе се отворат илјадници работни места и одржлив иден приход за јавни инвестиции како начин на зајакнување на локалната економија додека македонските општини се борат со долгови и зависност од Владата. Наместо тоа, некогашното јавно земјиште и културно обележје на Скопје заврши во рацете на приватни лица – повторно. Пред три години градскиот Скопски саем – еден од најдобрите македонски примери на модерна архитектура – беше распарчен за да се направи простор за „стратегиска инвестиција“, како што рече тогашниот премиер Зоран Заев. Трговски центар и згради во град каде што според последниот попис од 2021 година речиси 40 проценти од становите во Македонија се празни.
Во текот на последната деценија скопјани беа сведоци на уривањето на некогаш нивното омилено место за социјални настани како што се концерти или романтични зимски саеми на книга. Откако ги презеде саемските хали, првиот сопственик, словенечката компанија ЕРА, беше јасно дека за Скопскиот саем на површина од 150 илјади квадратни метри има друга замисла. Но, целата слика за тоа што се случи остана мистерија – сѐ досега.
Едногодишното истражување на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и на новинарка од Албанија, која е дел од мрежата на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP), покажа милионска штета по Град Скопје и Општина Гази Баба како резултат на тргување со влијание.
Големи најави за Скопскиот саем
Атрактивната локација на Скопскиот саем секогаш била примамлива за бизнис-моќниците кои на просторот гледаа како на можност за заработка на сметка на историското значење на овој објект, но и неговата добра локација близу центарот на градот кон источниот влез и излез на Скопје.
Идејата таму да се гради бизнис-центар или проектот „Град во град“ датира од 2003 година. Сопственик на 155 илјади квадратни метри, вклучително и на Саемот, во 2005 година стана словенечката фирма ЕРА. Од оваа компанија потоа го најавија проектот „Ера сити“ со ветување дека ќе вложат 150 милиони евра, ќе изградат деловна зграда со три подземни нивоа и 10 ката, кој требаше да биде најголемиот бизнис-центар во Македонија. Беше најавено дека ќе се изгради и трговски центар.
Проектот беше презентиран со ветување дека изградбата ќе донесе 1 000 нови работни места, тогаш многу потребни поради високата невработеност и посттранзициската состојба на кревката македонска економија. Според Заводот за статистика, процентот на невработени во 2003 година бил 36,7 % од населението, еден од највисоките во тој период во Европа.
Во февруари 2008 година ЕРА ги постави темелите на проектот „Ера сити Скопје“. Се ископа голема дупка. Уредно ја оградија, но Словенците потоа никогаш повеќе не продолжија да градат. Првите најави дека ЕРА нема финансиски капацитет да ја реализира идејата пристигнаа во 2010 година. Тогаш почнаа да се појавуваат медиумски извештаи за проблемите. ЕРА веќе имаше градежна дозвола, а на Општина Гази Баба и на Град Скопје им беа платени и комуналии во 2008 година во висина од три милиони евра.
Веќе во 2011 година ЕРА објави дека изградбата на „Ера сити Скопје“ се откажува поради светската економска криза.
„Економската криза придонесе да ја стопираме оваа инвестиција. Дали ќе се гради деловно-трговскиот центар и што ќе случува понатаму, ќе кажеме наскоро, кога ќе имаме детали за идните активности“, извести ЕРА во 2011 година.
ЕРА започна да бара партнер. Веќе во 2012 година беше најавена турско-словенечка соработка. „Турк мол“ беше компанијата која требаше ортачки со ЕРА да го изгради комплексот. Но, до реализација на идејата никогаш не дојде.
Веќе летото во 2017 година медиумите во Македонија објавија информација дека сопственик на Скопскиот саем станала бугарската фирма „Кардфинанс“ која го купила објектот од Комерцијална и НЛБ банка. Претходно фирмите поврзани со Скопскиот саем од овие банки подигнале кредит преку ставање на земјиштето околу некогашните хали под хипотека. Следна вест во медиумите беше дека Групацијата „Балфин“ на албанскиот бизнисмен Самир Мане го купил Саемот од „Кардфинанс“. Но, ИРЛ откри дека оваа информација не била точна. Таква трансакција не постоела. Медиумите објавиле лажна вест.
Од компанијата „Скопје ист гејт – СЕГ“ за Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објаснуваат дека земјиштето каде што е сега изграден нивниот комплекс го немаат купено од бугарската компанија.
„‘Скопје ист гејт – СЕГ’ земјиштето на кое се гради проектот ‘Ист гејт’ го има купено (2017 година) после завршена извршна постапка од две банки во Македонија. Согласно договорот за купопродажба, земјиштето и објектите кои биле изградени на ова земјиште се купени со сите припадоци и прирастоци“, прецизираа од компанијата за ИРЛ.
Наместо саем, трговски центар по мерка на Самир Мане
Една година по изјавата на господинот Кочо Анѓушев, дека владата предводена од премиерот Зоран Заев не се меша во деловниот однос на приватни компании, веќе во октомври 2018 година Скопскиот саем и официјално почна да се урива. Медиумите објавија дека албанскиот инвеститор започнал да урива за да се изградат трговскиот „Ист гејт мол“ и „Ист гејт ливинг“, кој е замислен како резиденцијален комплекс за станбено домување.
Уривањето предизвика револт кај семејствата на архитектите кои го проектираа Скопскиот саем. Со писмо до тогашниот премиер Зоран Заев и тогашниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, тие побараа обележјето на градот да се зачува. Во писмото со наслов „И Саем е Скопје“ тие напишаа:
„Денес на овој објект му е пресудена егзекуција без притоа да се прашаат граѓаните и стручната јавност. Ние, децата на проектантите, едноставно не можеме да се помириме со фактот дека културното, историското, професионалното, па и емотивното, како дел од творештвото на нашите татковци, може за секунда да се претвори во прашина и да се заборави“, напишаа семејствата на архитектите што го проектираа Скопскиот саем.
Групацијата „Балфин“, пак, најави дека инвестицијата ќе чини околу 300 милини евра.
ИРЛ преку слободен пристап до информации од јавен карактер ги побара сите документи од Општина Гази Баба, Агенцијата за катастар и Државното правобранителство поврзани со изградбата на „Ист гејт мол“ и „Ист гејт ливинг“.
Серијата документи што ги обезбеди ИРЛ покажува како евулуирал процесот на изградба на комплексот „Ист гејт“ и како трипати се менува сопственоста на Скопскиот саем, а имало и сложена финансиска зделка. Прво имало хипотекарен залог на имотот на Скопскиот саем од страна словенечката компанија ЕРА.
Компаниите поврзани со ЕРА потоа ги купила бугарската фирма „Кардфинанс“. Имало деловна операција на една домашна банка и Групацијата „Балфин“ за купување банка во Албанија. Конечно, преку компаниите во стечај поврзани со Скопскиот саем имало обид да се извлечат милиони евра и да се трансферираат кон бугарската компанија „Кардфинанс“.
Дополнително, остануваат и необјаснетите политички одлуки на општинскиот совет на Гази Баба кој по две години противење го промени првичниот став дека „Ист гејт“ не треба да се гради. Иако имаше политичко инаетење, на крајот комплексот „Ист гејт“ сепак се изгради.
Хипотеки, банки, комбинации
Изградбата на „Ист гејт мол“ доби и политичка димензија. Владата предводена од СДСМ препозна дека изградбата на современ трговски центар има политичка вредност која треба да им донесе политички поени пред локалните избори во 2021 година. Изградбата на целиот проект „Скопје ист гејт“ требаше да покаже дека Македонија е препознаена како добра бизнис- дестинација која овозможува сигурна бизнис-клима како тазе земја членка на НАТО (од 2020). Тогашниот премиер Заев неколкупати беше во посета додека траеја градежните активности. Најавуваше дека инвестицијата ќе биде завршена пред локалните избори кои СДСМ потоа ги загуби.
На 28 октомври 2021 година „Ист гејт мол“ и официјално беше отворен.
Зоран Заев тогаш порача дека отворањето на трговскиот центар ќе создаде нови 2 500 работни места и додаде дека 90 % од фирмите што работеле на неговата изградба биле домашни.
„Сите одлуки што ги носиме имаат за цел да создадат фер пазарни услови, подобра конкурентност и развој на приватниот сектор“, рече Зоран Заев на 28 октомври 2021 година.
Но, процесот на купување на земјиштето околу стариот саем и самите хали има интересен процес. Имотот бил под хипотека кај Комерцијална банка со 60 % и кај НЛБ банка со 40 %.
Сѐ започнало на 19 септември 2017 година, кога преку нотарката Мајљинда Ајдари бил склучен договор за купопродажба на имот.
Продавачи биле Комерцијална и НЛБ банка, а купувач фирмата „Скопје ист гејт – СЕГ“ – инвеститор на комплексот „Ист гејт мол“ и „Ист гејт ливинг“, кој е наменет за колективно домување. На сите три фирми сопственик со 60 % удел е албанскиот милијардер Самир Мане.
Купопродажната цена е 16 милиони и 200 илјади евра. „Скопје ист гејт – СЕГ“ како гаранција за купувањето на депозитна сметка обезбедил парична гаранција од 1,5 милиони евра од НЛБ банка. Во договорот помеѓу банките и инвеститорот описно стои и како ќе се реализира плаќањето. Во точка 4.3 пишува:
„Цената ќе биде уплатена 40 % со средства на купувачот, 60 % преку одобрен кредит од страна на банките, за што до денот на склучување на овој Договор има склучено договор за долгорочен денарски кредит со девизна клаузула со НЛБ банка и Договор за долгорочен денарски кредит со девизна клаузула со Комерцијална банка“, стои во договорот.
Фирмата „Скопје ист гејт – СЕГ“ со договорот се обврзала 40 % од 16 милиони и 200 илјади евра да им ги уплати на банките, и тоа 2 милиони и 592 илјади евра на НЛБ банка, а 3 милиони и 888 илјади евра на Комерцијална банка. Вкупно инвеститорот на двете банки им уплатил 6 милиони и 480 илјади евра.
Но, сепак, до 16 милиони и 200 илјади евра остануваат уште 9 милиони и 720 илјади евра.
За да го докупи земјиштето, компанијата „Скопје ист гејт – СЕГ“ се задолжила кај истите две банки – Комерцијална и НЛБ. И покрај тоа што имотот им бил под хипотека кај нив, тие преостанатите 9 милиони и 720 илјади евра преку кредит ги побарале од истите банки. Фирмата „Скопје ист гејт – СЕГ“ кај НЛБ банка се задолжила со 3 милиони 888 илјади евра, додека од Комерцијална зела кредит од 5 милиони и 832 илјади евра.
Тоа се случило на 19 септември 2017 година, кога бил потпишан и договорот за продажба на парцелата на поранешниот Скопски саем.
Кратко по склучувањето на купопродажниот договор, Групацијата „Балфин“ и Комерцијална банка ја купија Тирана банка, првата приватна банка во Албанија. „Балфин“ купи 88,95% од банката за 26,5 милиони евра и дополнителни 1,17% за 315 745 евра. Комерцијална купи 9,88% за 2,5 милиони евра. Вкупно, Тирана банка е купена за 29 314 745 евра.
Компанијата „Скопје ист гејт – СЕГ“ е во сопственост на Групацијата „Балфин“, „Пиаз инвесмент“ од Холандија, како и на Арсим и Јета Папранику. Но, според Централниот регистар на Македонија, вистински сопственик со преку 60 % учество во компанијата е Самир Мане.
По задолжувањето кај банките, за да го купи земјиштето на стариот Скопски саем и задолжувањето на Мане кај Комерцијална банка, каде што Хари Костов е главен извршен директор, двајцата влегуваат во нова бизнис-акција. Само година и половина откако фирмите на Мане го откупуваат земјиштето на Саемот од Комерцијална и НЛБ банка, „Балфин“ и Комерцијална банка влегуваат во нови деловни активности. Во тоа време Самир Мане веќе должел врз основа на хипотекарен кредит околу пет милиони евра во банката предводена од Хари Костов.
Македонски медиуми тогаш информираа дека „Балфин“ и Комерцијална банка ја купиле Тирана банка во Албанија, која има 39 филијали и е основана во 1996 година.
Податоците на opencorporates.al, невладина отворена база на информации, покажуваат дека купувањето на Тирана банка се случило на 28 февруари 2019 година.
Со договор за трансфер на акции грчката Пиреус банк (PIRAEUS BANK S.A), која дотогаш била сопственик на Тирана банка, пренела 446 488 акции кои сочинуваат 88,95% од капиталот кај „Балфин“ за 26,5 милиони евра. Дополнителни 1,17 % од капиталот „Балфин“ купува и од акционерот Јоанис Цивелис за 314 745 евра. Со ова „Балфин“ се стекнал со 90,12% од капиталот на Тирана банка.
На истиот ден, 28 февруари 2019 година, Комерцијална банка Скопје од Пиреус банк купила 9,88% од банката или 49 610 акции за 2,5 милиони евра.
По оваа зделка, „Балфин“ на Мане и Комерцијална банка останале партнери во Тирана банка по повеќе од година и половина. Но, потоа, на 18 ноември 2020 година, Комерцијална банка му го продала својот удел од 9,88% на „Балфин“ за 2 722 100 евра. Тоа се околу 200 000 евра повеќе од сумата што Комерцијална го вложила во Тирана банка. На прашање од ИРЛ зошто му го продале својот дел на „Балфин“, од Комерцијална банка ни одговорија дека причините се деловна тајна и не се од интерес за јавноста.
Долга е раката на ВМРО
Подготовките на фирмите за изградба на комплексот „Ист гејт“ веќе траеле две години. Компаниите на Самир Мане носеле странски капитал во Македонија, се задолжиле кај комерцијалните банки, но им фалела измената на ДУП за Градска четврт ЦС-09 во Гази Баба без која не можеле да градат.
Поради тоа, компанијата „Скопје ист гејт – СЕГ“ имала проблем да ја комплетира потребната документација. По локалните избори во 2017 година, СДСМ освои апсолутна власт на локално ниво. Речиси сите општини добија градоначалници од редовите на социјалдемократите. Таков беше исходот и во Општина Гази Баба. Борис Георгиевски стана градоначалник од СДСМ, но мнозинството во Советот го доби тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Со тоа и законското право да носи нови и да прави измени на постојните детални урбанистички планови.
За да се направи измена на ДУП, Самир Мане и неговите компании требаше да добијат поддршка и од советниците на тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Но, тие цели девет месеци не прифаќаа на дневен ред да дојдат измените на ДУП. На 30 август 2019 година советниците на 27. седница на Советот бараат промена на дневниот ред за работа. Мнозинството предводено од ВМРО-ДПМНЕ побарало да се тргне од дневен ред точката за измена на ДУП. На општинската седница, според записникот, присутен бил и претставник на Скопски саем од словенечката компанија ЕРА која требаше да го изгради ветениот проект „Град во град“.
Во име на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, на седницата зборувал Александар Трајковски, член на советот:
„До нас како советници е доставена пресуда од Вишиот управен суд со која е пресудено во корист на претходниот инвеститор, односно поништено е второстепеното решение донесено од министерот за транспорт и врски. Ова го имате добиено сите тука присутни. Со една погрешна одлука од овој совет можеме да ја доведеме Општината во незавидна положба и во иднина да плаќа пенали врз основа на комуналии и изгубена корист во износ од 13 милиони евра. Ние не смееме да се доведеме во ваква ситуација. Од тие парични, предлагам и оваа точка да биде симната од предложениот дневен ред“, стои во записникот од 27. седница на 30 август 2019 година до кој дојде ИРЛ.
Но, советниците од СДСМ се противеле на тоа. Дури најавиле и прекршочна пријава против тогашниот претседател на општинскиот совет, Тони Бојковски, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, доколку измените на ДУП за „Ист гејт“ повторно бидат тргнати од дневен ред.
„Како советничка група сметаме дека со симнување на предлог-ДУП ќе биде оштетен претседателот на Советот со тоа што ќе биде казнет и ќе плати глоба. За да не го оштетиме претседателот на Советот, сметам дека треба да останат овие точки и да расправаме по нив“, порачала советничката од СДСМ, Милица Бубало.
Александар Трајковски од ВМРО-ДПМНЕ предупредил на криминални бизнис-релации:
„Член 61 од Деловникот на Советот на Општина Гази Баба ни дава право да симнеме точки од предложен дневен ред поради причините што претходно се образложени. Има пресуда од Вишиот управен суд. Ако инвеститорот се реши да гради зграда, а ние ги донесеме измените во ДУП со кои таму поминува улица, како тој што платил 3 милиони евра комуналии ќе гради? Со сила нѐ вовлекувате во криминал. И неколкупати да биде казнет претседателот на Советот, нема да дозволиме поради криминални побуди на оваа влада и бизнис-интереси Општината да биде заглавена. Овој предлог-ДУП нема да биде донесен во интерес на Општината“, реплицирал Трајковски.
Потоа, со 14 гласа од советниците на ВМРО-ДПМНЕ дневниот ред бил сменет, односно точката 79 за измена на ДУП била тргната. Но, само еден месец подоцна, на 30 септември 2019 година, Советот на Гази Баба ја одржал 28. седница. Истата точка повторно се нашла на дневен ред на новата септемвриска седница.
Станувало збор за 16. точка: „Предлог-одлука за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за Градска четврт ЦС-09“. Тоа е измената што ја чекале „Балфин“ и Самир Мане за да почне реализацијата на комплексот „Ист гејт“.
Иако пред само 30 дена советниците од ВМРО-ДПМНЕ предупредувале на криминал во измените на ДУП за „Ист гејт“ и тврделе дека измените се носат под сомнителни бизнис-влијанија на штета на општинскиот буџет на Гази Баба со милионски пенали, овој пат тие одлучиле да ги поддржат измените на ДУП.
„Првпат во историјата на Општината под политички притисок мора да биде донесена една предлог-одлука, односно оваа предлог-одлука. Притисок кој започна со поднесен предлог за поведување прекршочна постапка против претседателот на Советот, иако тој постапил во целост во согласност со законот, односно на секоја седница оваа точка беше секогаш во решенијата за свикување на седниците на Советот. Согласно информациите со кои располагаат, доколку оваа предлог-одлука не биде донесена на денешната седница, Владата преку Министерството за транспорт и врски ќе ѝ ги одземе ингеренциите на Општината во делот на урбанистичкото планирање. Поради тие причини, советничката група на коалиција ‘За подобра Македонија’ ќе гласа за оваа предлог-одлука“, гласело објаснувањето на Александар Трајковски од ВМРО-ДПМНЕ кое е наведено во записникот од седницата од 30 септември 2019 година.
По излагањето на Трајковски, неговиот партиски колега, д-р Сашо Кутлешовски, преку советничката група на ВМРО-ДПМНЕ побарал пауза од 15 минути со поддршка од пет советници. По паузата, тогашниот градоначалник Борис Георгиевски (СДСМ) демантирал дека имало владини притисоци за да се изгласаат измените на ДУП или закани за одземање на ингеренциите од општинскиот совет.
Потоа точката била ставена на гласање. Со 22 гласа „за“, измените на Деталниот урбанистички план биле изгласани. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ по девет месеци противење овој пат гласале во полза на Самир Мане и Групацијата „Балфин“. Но, документите што ги обезбеди ИРЛ покажуваат дека компанијата „Скопје ист гејт – СЕГ“ добила одобрение за градба во март 2019 година или околу шест месеци пред да биде донесена измената на ДУП во Советот на Гази Баба.
Од фирмата „Скопје ист гејт – СЕГ“ за ИРЛ информираа дека нивни претставници немале средби со ниту една политичка партија за да издејствуваат измена на Деталниот урбанистички план за Планската четврт ЦС-09. Како што ни кажаа, лица од компанијата биле присутни на седниците на Советот на Гази Баба, но како јавност за да дознаат зошто предлог-измените на планот постојано се тргале од дневниот ред.
На 14 јуни испративме прашања по мејл до Општина Гази Баба. Нѐ интересираше зошто советниците прво биле против, а потоа ги поддржале измените на ДУП? Дали имало притисоци советниците да поддржат или да не ги поддржат измените? Зошто се согласиле на измени на планот ако знаеле дека тоа ќе значи тужба за Општината и обврска Гази Баба да врати назад 1,2 милион евра, пари што веќе ги наплатила од „Скопски саем“ за комуналии, како и милионски тужби за надомест на материјална штета?
Но, Општина Гази Баба одлучи да не одговори на прашањата. Лицето задолжено за односи со јавноста Александар Трајковски потоа повеќе не се јавуваше ниту на телефон.
Поранешниот градоначалник на Гази Баба, Борис Георгиевски, за ИРЛ вели дека од 2017 до 2019 година постоеле политички притисоци од ВМРО-ДПМНЕ да не се донесат измените на Деталниот урбанистички план.
„Цело време без забелешки измените на ДУП беа симнувани од седница на Советот со претходна консултација и инструкции од белата палата. Само нарачателот од белата куќа го знае мотивот за таквото однесување на советниците и советничката група. Изгубени цели две години, без причина, со големи политички заднини и мотиви“, рече Георгиевски за ИРЛ.
Според него, немало штета врз буџетот на Општина Гази Баба и Град Скопје бидејќи „Ист гејт“ платил комуналии за изградбата на трговскиот центар и за резиденцијалниот комплекс.
„Врз основа на пресметката на Градот Скопје од 15.12.2019 година, висината на надоместокот изнесува 358 483 231 денари (5,8 милиони евра). За Градот 215 089 939 денари (3,4 милиони евра) или 60 % и 40 % за Општината или 143 393 292 денари (2,3 милиони евра). Ова се комуналии само за трговскиот ‘Ист гејт’. Плус треба да се земат обѕир и зградите што се прават“, вели Георгиевски.
Но, имаше проблем. Од каде Општина Гази Баба и Град Скопје ќе најдат пари за да ги вратат трите милиони евра уплатени за комуналии од фирмите поврзани со „Скопски саем“? Лутите противници на измените на ДУП, бугарската фирма „Кардфинанс“, почнала да извлекува дел од парите платени за комуналии во 2008 година.
Граѓаните, сепак, ќе треба да платат три милиони евра
Но, по политичките пазарења и по промената на ДУП, стигна сметката. Скопјани го добија современиот трговски центар „Ист гејт“, но цената на политичките калкулации сега ќе треба да ја платиме ние, граѓаните. Иако советниците во Општина Гази Баба, и оние од ВМРО-ДПМНЕ и оние од СДСМ, знаеле дека измените на ДУП ќе чинат милиони евра, сепак, здружено и заедно одлучиле тој да биде променет, а комплексот „Ист гејт“ да се изгради.
Во 2020 година фирмите „Скопски саем“ ДООЕЛ Скопје во стечај, „Саем инвест“ ДООЕЛ Скопје во стечај и „Експо медиа центар“ ДООЕЛ Скопје, сите дел од словенечката групација ЕРА, почнале судска постапка против Град Скопје и Општина Гази Баба пред Граѓанскиот суд.
Побарале Градот да им ги врати платените комуналии за изградба на проектот „Град во град“. Станува збор за 110 190 494 денари или приближно 1,8 милиони евра. Дополнително на тоа е и законската затезна камата во висина на референтната стапка на Народната банка што за секое полугодие важела на последниот ден од полугодието зголемена за 10 процентни поени сметано од денот на поднесување на тужбата на 13 ноември 2020 година.
Сепак, Граѓанскиот суд го одбил барањето да им се исплати дополнителна камата сметана од 2008 кога ги уплатиле комуналиите или камата во висина на уплатените средства. Но, речиси 10 години подоцна, на 19 септември 2017 година, компанијата на Самир Мане, „Скопје ист гејт – СЕГ“, ја купи земјата на „Скопски саем“ која беше под хипотека кај Комерцијална и НЛБ банка.
Тужителите претходно на 31 јануари 2008 година веќе добиле одобрение за градба кај веќе непостоечкиот Скопски саем, кое станало правосилно на 6 февруари 2008 година. На 19 декември 2007 година претходно уплатиле во градската каса речиси 1,8 милиони евра надоместок за уредување градежно земјиште.
Веќе на 20 август 2018 година Гази Баба извршила промена на инвеститорот и го запишала „Скопје ист гејт – СЕГ“. Потоа општинската администрација ги поништила веќе издадените одобренија за градење на фирмите што тужат. Од 13 ноември 2019 до 2 јануари 2020 година им биле поништени и одобренијата за градење. Додека процесот траел, во март 2019 година, сѐ уште без изменет ДУП, „Скопје ист гејт – СЕГ“ добил одобрение да гради, иако претходните дозволи не биле поништени во целост.
За ова во делот од пресудата на Граѓанскиот суд објавена на 20 октомври 2022 година пишува:
„И покрај тоа што тужителите имале правосилни одобренија за градење на наведените катастарски парцели, градежни работи преземал друг правен субјект, за што тужителите поднеле допис именуван како Барање до градежната инспекција при Општина Гази Баба со приемен печат од 13. 9.2019 година со цел да добијат информација кој ја узурпирал градежната парцела и дали за изведување на градежните работи се издадени одобренија за градење на друг субјект“, стои во пресудата од Граѓанскиот суд.
Град Скопје се жалел до Апелацискиот суд. Сепак, и оттаму пресудиле дека жалбата е неоснована и оти Градот треба да ги врати парите уплатени за комуналии. Тие, исто како и колегите од Граѓанскиот суд, во образложението на пресудата напишале:
„Тужителите му го уплатиле износот од 110 190 494 денари на тужениот. И покрај тоа што тужителите имале правосилни одобренија за градење на наведените катастарски парцели, градежни работи презел друг правен субјект, за што тужителите поднеле допис именуван како Барање до градежната инспекција при Општина Гази Баба со приемен печат од 13.9.2019 година со цел да добијат информација кој ја узурпирал градежната парцела и дали за изведување на градежните работи се издадени одобренија за градење на друг субјект“, напишале апелациските судии.
На 13 септември лани за ова одлучувал и Врховниот суд.
„Според Врховниот суд на Република Северна Македонија, неосновани се и наводите во ревизијата за погрешна примена на материјалното право. Врз основа на утврдената фактичка состојба од првостепениот суд, која во целост е прифатена од второстепениот суд, правилно пониските судови го примениле материјалното право кога го усвоиле тужбеното барање на тужителите“, се вели во пресудата од Врховниот суд.
Дел од парите наменети за комуналии завршиле и во касата на Општина Гази Баба. Соодносот е 60 % за Градот, а 40 % за општината каде што треба да се гради. На Град Скопје му биле исплатени речиси 1,8 милиони евра, а на Гази Баба речиси 1,2 милион евра.
Гази Баба не одговори на прашањата на ИРЛ зошто тогашниот совет одлучил да ги изгласа измените, иако членовите знаеле дека таквата постапка носи парични реперкусии по граѓаните.
Постапката против Град Скопје е правосилно завршена. Но, против Општина Гази Баба има три активни постапки пред Граѓанскиот суд. Фирмите во стечај од „Скопски саем“ бараат Општината да им врати 1,2 милион евра за претходно уплатените комуналии. Во другите две постапки тужени се Гази Баба и „Ист гејт“ со вкупно побарување од шест милиони евра за надоместок на материјална штета.
Во врска со тужбите против нив од фирмите што се во сопственост на бугарската „Кардфинанс“, од „Скопје ист гејт – СЕГ“ за ИРЛ објаснија:
„Компанијата никогаш немала никакви должничко-доверителски односи со погоре наведените тужители и како такви овие спорови за нас како компанија се беспредметни што како такво ќе се докаже во судската постапка, а наводните побарувања овие компании ќе треба да ги побаруваат од доверителите со кои имале должничко-доверителски односи, врз кои била воспоставена хипотека и залози на нивниот имот“, велат „Скопје ист гејт – СЕГ“.
Кривична пријава од стечајниот управник за бугарската фирма „Кардфинанс“
„Кардфинанс“ е непозната компанија во деловниот свет во Македонија. Нема бизнис-значење, освен кога медиумите во 2017 година пишуваа дека Скопски саем со кој стопанисуваше ЕРА го купила компанијата „Кардфинанс“ од Бугарија, а потоа ѝ го продала на Групацијата „Балфин“. Но, официјално документите што ги обезбеди ИРЛ не покажуваат дека компанијата „Кардфинанс“ имала бизнис-трансакција со „Балфин“. Медиумите известувале за непостоечки договор и деловна соработка.
Но, непознатата бугарска фирма сепак има улога во врска со стариот саем. Сѐ уште се обидува да ги извлече трите милиони евра што словенечката ЕРА ги уплатила за комуналии во 2008 година и преку дополнителни тужби да наплати екстра шест милиони евра за претрпена материјална штета.
Основа за ова е купувањето удели во фирмите „Саем инвест“ и „Скопски саем“ за помалку од 100 евра – компании кои ЕРА ги отворила за да има деловни операции во Македонија. Обидот бугарската фирма да ги извлече парите преку купување удели бил доволна основа да реагира стечајниот управник кој ги застапува интересите на доверителите на фирмите во стечај „Скопски саем“ и „Саем инвест“, како и преку „Експо медиа центар“ – компанија за која не е отворена стечајна постапка, па преку неа „Кардфинанс“ веќе извлекла 300 илјади евра. Сите овие фирми пред 2017 година биле дел од ЕРА.
Поради префрлањето пари во Бугарија, на 23 мај 2023 година во Одделението за економски криминал при МВР е поднесена кривична пријава против „Кардфинанс“, „Експо медиа центар“ и „Саем инвест“. Подносител е стечајниот управник Драги Момировски.
Од некогашниот „Скопски саем“ АД произлезени се четири правни субјекти: „Скопски саем“ ДООЕЛ, „Саем инвест“ ДООЕЛ, „Експо медиа“ ДООЕЛ и „Саем трговски центар“ ДОО, кој потоа е преименуван во „Експо медиа центар“. Бидејќи за овие фирми е покрената стечајна постапка, стечајниот управник Драги Моморовски се сомнева дека бугарската „Кардфинанс“ може да извлече добивка во вредност од четири до шест милиони евра врз основа на тужби пред Граѓанскиот суд.
Според кривичната пријава, „Кардфинанс“, како сопственик на четирите фирми од поранешен саем, се обидува да одржи една компанија деловно активна за преку неа да извлечи пари од земјава.
„‘Кардфинанс’ ДООЕЛ се труди со сите средства да ја одржи ‘Експо медиа центар’ во живот за преку неа да ги пренесе приливите кај себе“, стои во кривичната пријава.
Станува збор за три милиони евра кои врз основа на комуналии се уплатени во Град Скопје и Општина Гази Баба уште во 2008 година од фирмата „Саем инвест“. Во 2017 година уделите на „Саем инвест“ и „Скопски саем“ новиот сопственик „Кардфинанс“ од Бугарија ги купил за смешни пари:
На 22 септември 2017 година „Експо медиа центар“ склучува договор за отстапување на побарување со „Саем инвест“ и тоа на два износа: 183 650 824 денари за платени комуналии и вториот од 20 000 000 денари за уплатен аванс кој Гази Баба го враќа на „Експо медиа центар“ – компанија за која има решение од 7 ноември 2018 година за забрана за располагање со средства. Од оваа фирма, според кривичната пријава, се префрлени 20 милиони денари или над 300 илјади евра кон „Кардфинанс“.
Од листингот на промени на сметката на „Експо медиа центар“ по уплатата на овие 20 милиони денари следуваат следните одливи:
„Исплата по образец 3 на 8.11.2018 година во износ од 3 623 551 денар; исплата по ф-ра на 15.11.2018 по три фактури од адвокат Тодор Димков и тоа: 870 840 денари, 580 560 денари и 1 180 000 денари. Пренос на средства резидент кон нерезидент, на 23.11.2018 година кон ‘Кардфинанс’ на два износа – 8 390 000 денари и 5 300 000 денари“, стои во кривичната пријава.
Цесијата, според стечајниот управник, е незаконска и начинот на кој бугарската фирма „Кардфинанс“ успеала да извлече 300 илјади евра од „Експо медиа центар“.
„Најголемиот интерес го има ‘Кардфинанс’ кој на незаконски начин ги остварил сопственичките права, успеал за вложени 300 евра досега за да пренесе 330 илјади евра, сега се бори за нови 700 илјади евра, а секако ќе настојува и понатаму за наредните 400 илјади евра – комуналии од Гази Баба, како и надоместоци на штета“, пишува во кривичната пријава.
Поради правосилноста на пресудата, Град Скопје досега исплатил по 47 милиони денари на фирмите во стечај „Скопски саем“ и „Саем инвест“.
Јас тебе парцела, ти мене стан
Ако за трговскиот центар „Ист гејт“ стана јасно дека станува збор за инвестиција во најголем дел финансирана од Самир Мане и Групацијата „Балфин“, резиденцијалниот комплекс го инвестираат повеќе компании. Земјиштето или парцелите каде што веќе се изградени зградите и оние што се градат се во сопственост на компанијата „Ист гејт ливинг“. Но, инвеститори се други компании. Договорот е после градењето дел од становите да ги добие „Ист гејт“ во замена за отстапениот простор за градење и за уплатените комуналии. „Скопје ист гејт – СЕГ“ за уредување на парцелите за трговскиот центар и комплексот згради за домување уплатил пари на сметка на Општина Гази Баба и Град Скопје.
Две ламели или вкупно четири згради се веќе изградени. Зградите се водат како А1, А2, Б1 и Б2, сите дел од комплексот за домување „Ист гејт ливинг“.
На зградата А1 како инвеститор и продавач на становите се јавува компанијата „Унионет“. Гледа кон трговскиот „Ист гејт мол“. Токму во првата зграда сместена е брендирана канцеларија со голем натпис дека ги продава становите зад трговскиот центар. Пазарната вредност на квадратен метар е помеѓу 1 680 и 1 780 евра, во зависност од позиционираноста на станот – дали гледа кон исток или запад. Висината на цената на квадратот како информација репортерите на ИРЛ го добија по разговор со агенти за продажба од компанијата која ги продава становите. Официјалната интернет-страница на оваа компанија е www.unionnet.mk, а на самата канцеларија во комплексот е оставен и телефонски број за директен контакт со продавачите.
Кога ја проверивме компанијата, продавач на становите во „Ист гејт ливинг“ е компанијата „Унија финансиска Скопје“. Како сопственици се впишани седум физички и едно правно лице – „Финансиска унија Тирана“.
Становите во зградата под број А2 ги продава „Ист гејт ливинг“.
Инвеститор на зградата Б1 е тетовската компанија „АК-инвест“ на Абзи Ибрахими. Станува збор за градежна компанија. Синот на Абзи, Фатим Ибрахими, заедно со Аријанит Џафери, син на Муса Џафери кој сега е пратеник во Собранието од ДУИ, заедно ја основале компанијата за тргување со електрична енергија „У-пауер“.
„АК-инвест“ ги продава становите од зградата Б1, кои се дел од комплексот „Ист гејт ливинг“.
Изградбата на зградата Б2 ја финансирала „СМС констракшн“. Оваа компанија ги гради и зградите Ц1 и Ц2 – информација која е објавена на нивната официјална веб-страница.
Тие сѐ уште се градат. На градилиштето стои табла каде што како инвеститор е наведена компанијата „СМС шопс“ од Скопје. Формирана е на 7 октомври 2002 година со основачки капитал од 345 700 илјади евра. Газда и управител е Амар Сали.
Изведувач на градежните работи на последните две згради е компанијата „Албекат“. Во Македонија има две компании со ова име. „Албекат груп“ ДООЕЛ Скопје и „Друштво Албекат“ ДООЕЛ експорт-импорт Скопје, која е ликвидирана бидејќи должела во Управата за јавни приходи (УЈП).
Во двете компании како газди се јавуваат членови на семејството Ахметај. Документите од Централниот регистар покажуваат дека на ликвидираната компанија сопственик бил Фатмир Ахметај, додека во активната „Албекат груп“ ДООЕЛ, Алберт Ахметај. Во последните две години фирмата работи со добивка. Во 2022 имала 37 милиони денари профит или над 600 илјади евра, додека лани околу 52 милиони денари или 800 илјади евра.
Но, ако се провери бизнис-портфолиото на членовите на семејството Ахметај во регионот, податоците покажуваат дека имаат забрана за работа поради неплатени давачки во Албанија. За ова има официјални документи, а основа е затајување данок во фирмите со кои оперирале. Документите покажуваат дека од 2021 година компанијата во Албанија деловно не е активна. Имаат забрана да го продаваат нивниот имот сѐ додека не го подмират даночниот долг кон државата.
Извор: ИРЛ