Бела Ноќ 2024 во Културно информативниот центар – Скопје
„Бела ноќ“ по 20-ти јубилеен пат ќе се одржи во сабота на неколку локации низ Скопје.Посетителите ќе имаат можност да уживаат во театарски спектакл на отворено, музички настани, изложби, проекции, работилници и други културно-уметнички перформанси, а програма за БЕЛА НОЌ 2024 ќе има и во Културно информативен центар – Скопје на 5.10 (сабота), со почеток од 20 часот во салоните Империјал I, Империјал II, Продажен салон, Салон 19:19.
Целосната програма во продолжение…
***
Изложба на слики на Јана Луловска – „Effortless“
Самостојната изложба на Јана Луловска „Effortless“ е визуелна оаза која го претвора обичното во извонредно. Инспирирана од движењето Fluxus, оваа колекција од дигитални слики печатени во ограничено издание, го отелотворува природниот тек на настаните и изборите кои природно ги правиме со убавина и грациозност за да се движиме низ секојдневните предизвици во животот. Со прифаќање на флуидноста и едноставноста на креативноста, „Effortless“ нуди момент на спокојност, олеснување и трансценденција од животните предизвици и секојдневниот напор.
Културно информативен центар – Скопје, Империјал I, 20 часот
***
Групна изложба на фотографии на Зрно фестивал: „Танцот на фотоните“
Изложба на оригинални, алтернативни фотографии настанати на работилниците на последното издание на Зрно фестивалот за алтернативна фотографија. На работилницте кои се одржаа ова лето во село Смилево, учествуваа четириесетина учесници од цела Европа, под водство на светски мајстори на аналогната фотографија. Ретка можност да се видат вакви, во буквална смисла, уникатни фотографии кои тешко може да се репродуцираат и најчесто ги има само во еден примерок.
Културно информативен центар – Скопје, Империјал II, 20 часот
***
Групната изложба по повод наградата „Борко Лазески“: „Резонанца“
Групната изложба „Резонанца“ по повод наградата „Борко Лазески“ која младите ликовни уметнички Јана Николовска, Антоанета Малиновиќ и Дорина Tенева, ја добија за 2023 година. Изложбата ги обединува нивните визуелни истражувања низ различните медиуми на авторките, и ги претставува личните, интроспективни тематики кои имаат за цел да го доведат гледачот во контемплативна состоjба. Организацијата на изложбата на студент од Факултетот за ликовни уметности од Скопје кој во претходната учебна година ја освоил наградата „Борко Лазески“ за инвентивни достигнувања во сликарскиот оддел од оваа година ја презема Културно информативен центар – Скопје.
Културно информативен центар – Скопје, Продажен салон, 20 часот
***
Концерт на Ана Мазнејкова – пијано
На концертот интегрално ќе биде изведен албумот „Годишни времиња“ на големиот руски композитор Петар Илич Чајковски, (12 карактеристични пиеси од оваа збирка, именувани според месеците во годината) на кој ќе настапи младата пијанистка Ана Мазнејкова. Преку концертот публиката одблизу ќе се запознае со авторот кој припаѓа на периодот на романтизмот и кој успеал да направи спој помеѓу звукот на руската и европската музика. Тој бил препознаен како мајстор на широки, безгранични и исклучително сензитивни мелодии, со високо естетско ниво и неосетен кумулативен елемент.
Салон 19:19, 21 часот