Мозаиците од римскиот период на локалитетот Стакина чешма во Валандово конечно ќе бидат заштитени. По 50 години од почетокот на археолошките истражувања, Завод и Музеј Струмица започна реализација на проект за конзервација и реставрација на едни од најзначајните мозаици во државата кои по многу нешта се единствени и раритени Ова е првпат да се спроведе таков проект, кој ќе овозможи обновување и заштита на уникатните мозаички подови.
Како што објавија од ова установа, домусот потекнува од доцниот 3 или раниот 4 век од нашата ера а истражувањата на Стакина чешма се започнати од 1972 година. Досега се откриени 10 простории со површина од околу 500 м². Скоро сите простории се со мозаични подови во техника opus tessellatum, opus sectile и opus tesellatum.
,, Фокусот на работата е насочен кон подниот мозаик во Просторија бр. 2 чијашто декорација е изведена во различен тип на мозаик, opus tessellatum и opus sectile што го прават овој мозаик мошне интересен за работа, но поради затекнатата состојба и предизвикувачки за стручниот тим. По изработката на потребната дескриптивна, техничка и фотодокументација, конзерваторскиот тим во моментот работи на механичко чистење на мозаичката површина и отстранување на останатата нечистотија и калцинацијата од истата. По стабилизирањето на мозаикот со процес на консолидација како и опшивање и китирање на лакуните ќе следува делумно односно парцијално подигање на мозаичката површина со цел нивелација на мозаичката подлога и повторно враќање на слојот од тесери,, велат од Завод и музеј Струмица.
Конзерваторскиот тим е предводен од Томе Филов, конзерватор за мозаик од НУ Стоби и Ване П.Секулов археолог советник од НУ Завод и Музеј Струмица а тимот го сочинуваат седум млади професионалци од седум ралични држави, специјализирани за работа на мозаици