Започнаа археолошките истражувања на праисториската наколна населба ,,Мрдаја” во Дојран
Археолошките истражувања на езерската наколна населба ,,Мрдаја” во Дојран, започнаа на 10.09.2024 год. предводени од стручниот тим на археолози од НУ Завод за заштита на спомениците на култура и Музеј – Струмица.
Поради високото ниво на езерото, се истражува просторот на брегот, оддалечен триесетина метри јужно од позициите истражувани во 2012 – 2014 година. Низ, речиси, целиот ископ се појавува огромно колочество садова керамика од погруби садови, пред се, садови за складирање на прехранбени продукти но и подвижни печки. Со оглед на наодите од материјалната култура, населбата рамковно ја сместуваме во доцното бронзено време и преодниот период на бронзеното и железното време велат од НУ Завод за заштита на спомениците на култура и Музеј – Струмица.
Археолошкиот локалитет ,,Мрдаја” е наколна населба од крајот на бронзеното време, која е единствената населба од овој тип во Дојран и една од ретките во Македонија.
Првите сознанија за постоење на наколна населба во Дојранското Езеро доаѓаат од наодите на колци кои, при изведувањето градежни работи во месноста Николиќ, случајно се појавиле на брегот од езерото. За жал, овие наоди никогаш не добија стручна потврда.
Од друга страна, при изведувањето на градежните работи во месноста Мрдаја, со цел за проширување и уредување на крајбрежниот појас, се појавија првите остатоци на наколна населба и на Дојранското Езеро.
Наколната населба би била дополнителна трустичка атрaкција но и одраз на еден период со своја култура на овој дел од државата.