Кој може да гарантира дека производите од гума нема да се користат како гориви во Фени?

  • Реакција на Левица – ЛО Кавадарци

Никој не може да гарантира дека производите или полупроизводите од оваа фабрика нема да завршат како гориво или материјал во индустрискиот комбинат ФЕНИ или други топилници.

Во корумпиран систем и држава како Македонија, каде инспекциските надзори се оскудни, а инспекторите поткупливи, не постои никаква гаранција дека оваа фабрика ќе се придржува до еколошките стандарди. Историјата нè научила дека ваквите ситуации водат кон екоцид, додека одговорните остануваат неказнети.

Какви се ризиците од ова?

Доколку овие материјали бидат употребени како гориво во топилниците, тоа може да доведе до испуштање на опасни хемикалии и тешки метали во воздухот. Последиците од ваквото загадување се долготрајни и потенцијално фатални за околните заедници.

Интензивната употреба на овие материи во топилниците може да предизвика сериозни здравствени проблеми за локалното население, вклучувајќи респираторни заболувања, карцином и други хронични болести. Овие ризици не можат и не смеат да се игнорираат.

Дополнително, веќе трет ден на градскиот плоштад се потпишува петиција против изградбата на овој преработувачки центар. Ги повикуваме сите граѓани да се приклучат на оваа иницијатива и со својот потпис да помогнат во заштитата на нашата животна средина и здравјето на нашите деца.

Левица не може и нема да дозволи граѓаните на Кавадарци да бидат изложени на ваква закана. Го повикуваме локалното население и сите засегнати страни да се обединат и да ја спречат оваа потенцијална еколошка катастрофа. Сега е време за побуда!